По потврдата на кандидатурите сега, најдоцна до 28 март во ДИК треба да се одржи жребувањето со кое ќе се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче
Државната изборна комисија попладнево и формално ги потврди кандидатурите на седуммината кандидати меѓу кои граѓаните на С Македонија ќе одлучуваат за кого ќе го дадат својот глас на претстојните претседателски избори.

И официјално во трката за претседател се актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, кој повторно со поддршка на СДСМ ќе се бори за втор мандат, потоа Гордана Силјановска-Давкова, која ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, Бујат Османи, кој е кандидат на ДУИ, Арбен Таравари, кој за функцијата ќе се бори како кандидат на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“, актуелниот градоначалник на Куманово и претседател на „Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска- Цветковска и градоначалникот на општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Членовите на ДИК за неколку минути едногласно ги потврдија поднесените листи за кандидат за претседател на Република Северна Македонија за изборниот циклус 2024 година со прилозите кон нив.
„Констатирам дека списокот на овластени претставници на подносители на листа на кандидати за претседател на РМ листите се потврдени едногласно“,
констатира по гласањето претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Разгледувањето и одлучувањето по поднесените листи беше прва точка на дневен ред на денешната 88. Седница на ДИК.
Пред да почне со читањето на кандидатите, првиот човек на ДИК, Даштевски истакна дека сите листи биле доставени навремено. Се читаа според редоследот како пристигнале во Државната изборна комисија.
Така кандидатурата на Пендаровски била доставена прва на 18 март, а на истиот датум стигнале и листите на Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски и Арбен Таравари. Еден ден подоцна во ДИК биле доставени листите на Билјана Ванковска-Цветковска, на Бујар Османи и на Горадна Силјановска-Давкова, чија кандидатура стигнала последна.
Откако констатира дека кандидатурите на сега веќе сите седум учесници во претседателската трка се едногласно потврдени, Даштевски посочи дека кандидатите под реден број два и четири, односно, Стевчо Јакимовски и Арбен Таравари треба во рок од 48 часа да достават единствен даночен број и трансакциска сметка.
По потврдата на кандидатурите сега, најдоцна до 28 март во ДИК треба да се одржи жребувањето со кое ќе се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче.
Дека овие седум кандидати ќе влезат во трката за шеф на државата беше извесно откако сите во предвидениот рок од 23 февруари до 8 март успеаја да ги соберат потребните минимум 10 000 граѓански потписи. Тоа, пак, не им појде од рака на уште седум кандидати кои не ја добија поддршката од граѓаните.

Иако тоа не претставуваше пречка за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова, односно Стево Пендаровски, бидејќи партиите чија поддршка ја уживаат имаа доволно пратеници во Собранието за да се кандидираат на тој начин, тие сепак решија да собираат и граѓански потписи.
Иако собра најмногу од сите, 28 086 според официјалните податоци на веб-страницата на ДИК, кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова до Државната комисија била поднесена со 30 пратенички потписи, но не и со граѓанските.
Овој момент овие два дена е една од главните теми за преписки и меѓусебни обвинувања меѓу СДСМ и таборот на нивниот кандидат Стево Пендаровски и ВМРО-ДПМНЕ. Од штабот на Пендаровски и од СДСМ изразија сомнеж дека Силјановска-Давкова навистина ги собрала граѓанските потписи за својата кандидатура, додека, пак, од другата страна рекоа дека тоа е случај затоа што станува збор за протоколарна, односно техничка работа. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека СДСМ и Пендаровски со отворањето на ваквите нереални теми во јавноста се обидуваат да го затскријат поразот кој ги очекува на изборите.
Деновиве фокусот на јавноста падна на кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, откако во понеделникот американскиот Стејт департмент соопшти дека актуелниот градоначалник на Општина Карпош е ставен на „црната листа“ поради вмешаност во корупција. Сепак, ова нема да биде пречка тој да продолжи со активностите околу изборната трка.
Првиот круг од претседателскиот избори е закажан за 24 април, а доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број гласови (мнозинство од запишаните во Избирачкиот список), вториот круг ќе се одржи две недели подоцна, односно на 8 мај, во кој ќе влезат двајца кандидати со најголем број освоени гласови во првиот круг.