Од денеска почнуваат роковите за ажурирање на Избирачкиот список, согласно со измените на владината уредба што беа донесени завчера
Државната изборна комисија (ДИК) денеска на работен состанок ја разгледува владината Уредба за продолжување на изборните дејствија за парламентарните избори, врз основа на која ќе ги почне активностите за довршување на изборниот процес.
Со Уредбата, која денеска е објавена во „Службен весник“ и стапи во сила, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно со Изборниот законик.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, за МИА информирал дека, врз основа на оваа Уредба, ДИК ќе испрати дописи до МВР и до управите за санкции и за водење на матични книги за прибирање на потребните податоци за граѓаните.
Со денот на влегување во сила на оваа Уредба, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно со Изборниот законик.
Владата на 64. седница донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжи МВР во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа Уредба да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по која било основа и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба. Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
Согласно со Уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа Уредба.
Со денот на влегувањето во сила на оваа Уредба, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажурирање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.
Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место. Според информациите од ДИК, во врска со обезбедување на заштитната опрема за изборите, членовите на Комисијата со владини претставници ќе имаат во понеделник.
Партиите не се усогласени за датумот за избори. Владејачките партии инсистираат тоа да биде на 5 јули или на 8 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштува датуми.
Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање ги повика лидерите уште денеска да седнат и да се договорат за изборите за земјата да не потпадне повторно во криза.
