Сите изјави на ДКСК се сведуваат единствено на некакви сомнежи и ризици со кои не се потврдува никаква состојба или неправилности и тие не произлегуваат од веродостојни докази, тврдат од Државната изборна комисија
За потсетување, примарна работа на Државната комисија за спречување на корупцијата е токму да утврдува сомнежи и ризици. Ако сомнежот е од особено тежок карактер, ДКСК испраќа иницијатива за кривичен прогон до институцијата на која примарна работа ѝ е да обезбедува докази – Јавното обвинителство. Така, всушност, е постапено со предметот за ДИК
Државната изборна комисија ѝ се налути на Државната комисија за спречување на корупцијата. Ако се гледа „воајерски“ на односите меѓу двете институции овие денови, тогаш претходната реченица е главната вест. Но, ако се гледа суштински, сосема е неважно кој на кого му се налутил.
Имено, какво значење носи реченицата од денешниот став на ДИК дека „ги сведува односите и комуникацијата со ДКСК на неопходни обврски кои произлегуваат од надлежности утврдени со закон“. Па какви други односи би можеле да имаат овие две институции, освен оние што им се утврдени со закон?
На што реагира ДИК?
Вчера, ДКСК имаше седница. На неа се разгледуваше извештај по предмет отворен пред речиси две години, во врска со набавката на уредите за биометриска идентификација („фингерпринт“) за потребите на локалните избори во 2021 година. Извештајот за предметот содржеше доволно сомнежи за ДКСК да одлучи да испрати иницијатива до Јавното обвинителство за кривичен прогон на повеќе лица од Државната изборна комисија.
Деталниот извештај на „360 степени“ за причините за иницијативата може да го прочитате на овој ЛИНК. А овде само ќе ги споменеме главните проблематични наоди:
- не е докрај јасно како проценатата вредност од 5 милиони евра за тендерот пораснала на 12 милиони евра;
- не било дозволено членови на комисијата за набавката кои ќе носат одлука да бидат и членови на Државната изборна комисија (а биле);
- има комплетна документација за прием и пописни листи за вградената опрема за само 200 од вкупно 4 000 набавени уреди;
- не е спроведен вистински тест за прифаќање и квалитативен и квантитативен прием, без што не смеела да исплати сумата на набавката од околу 11 милиони евра;
- една од фирмите подизведувачи почнала да бара контакти за набавка на фингерпринт уште пред да се објави првиот тендер за такво нешто;
- домашните подизведувачи имаат сомнителни трансакции кон правни и физички лица по завршувањето на тендерот и друго.
На сето ова, генералниот став од Државната изборна комисија е дека:
„ДИК во целост ги отфрла како неточни и невистинити сите наводи кои излегоа во јавноста од иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата, во врска со набавката на фингерпринт апаратите за гласање. Сите изјави на ДКСК се сведуваат единствено на некакви сомнежи и ризици со кои не се потврдува никаква состојба или неправилности и истите не произлегуваат од веродостојни докази“,
соопштија од Државната изборна комисија.
Понатаму, се вели во соопштението на Државната изборна комисија, наодите на ДКСК биле спротивни на конкретни релевантни факти и документи кои навреме им биле доставени на антикорупционерите.
„Доколку се направи увид во постапката која е спроведена преку официјалниот систем за набавки на Бирото за јавни набавки, може да се утврди дека се запазени сите одредби од Законот за јавни набавки, меѓу кои и одредбите кои укажуваат на транспарентност на постапката. Исто така условите во техничката документација произлегоа од јавно спроведениот технички дијалог со сите заинтересирани економски оператори“,
се вели во соопштението на ДИК.
Ако се погледне вчерашната седница на ДКСК, во овој дел и нема многу големи забелешки. Имено, антикорупционерите заклучуваат дека постапката пред изборот на победникот „Дермалог“ генерално се одвивала според Законот за јавни набавки, но и дека имало слабости.
„Иако измените (на тендерската документација н.з.) биле спроведени согласно одредбите на Законот за јавните набавки и во насока на исполнување на дел од барањата на економските оператори, истите влијаеле на квалитетот, целосноста, точноста и прецизноста на информациите за начинот на кој ќе се спроведе постапката за јавна набавка. Иако жалбите од незадоволните економски оператори биле одбиени од Државната комисија за жалби по јавни набавки, истите укажуваат на слабости во процесот на претходна проверка на пазарот и содржат наводи за дискриминаторски и непропорционални критериуми за квалитет“,
објавија вчера од ДКСК.
Следната точка на која директно реагираат од Државната изборна комисија е процесот на избор на најповолен понудувач. За квалитетот на постапката, се повикуваат на три институции – Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки и Управниот суд.
„При спроведувањето на двете постапки за јавни набавки, Комисијата за јавна набавка вршеше објави на Огласите и известувањата од член 63 од Законот за јавни набавки, вклучувајќи го Огласот за јавна набавка, тендерската документација, измените на тендерската документација, одлуката за поништување, одлукaта за избор на економски оператор, како и целокупната документација која произлезе од постапката, што е регистрирано во системот и е на увид на надлежните институции и учесниците во постапката. Конкретно, Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Управната контрола и Управниот суд јасно констатираа дека постапката во сите нејзини фази планирање, извршување и реализација на Договор е спроведена законито и без никакви недостатоци“,
тврдат од Државната изборна комисија.
Според она што можеше да се слушне од ДКСК, и ова тврдење на Државната изборна комисија генерално не е спорно (иако е спорно во одредени детали). Но, случајно или не, од институцијата што ја води Александар Даштевски испуштаат да ги споменат заклучоците на други институции.
На пример, Државниот завод за ревизија исто така најде проблеми во квалитативниот и квантитативниот прием, тестот на прифаќање, записниците и други одредби кои биле услов за да се плати опремата. Забелешки имаше и мисијата на ОБСЕ-ОДИХР.
„Во Конечниот извештај на Mисијата на ОДИХР за набљудување на избори – ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 17 и 31 октомври 2021, се констатирани повеќе недостатоци во однос на транспарентноста на постапката за јавна набавка, функционирањето на уредите и одржаните обуки.
Наоди што се однесуваат на постапката за јавна набавка и на сите аспекти на квалитативен и квантитативен прием, тест на прифаќање, записници и исполнување на договорните одредби се содржани и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор издаден на 23.02.2023 година, за извршена ревизија за усогласеност – Исплатени средства од ДИК за извршување на изборните дејствија за спроведување на Локалните избори 2021 година“,
соопштија вчера од ДКСК.
Од кај Александар Даштевски не ги споменуваат овие институции или извештаи.
И толку
Во продолжението на соопштението на ДИК повеќе не се споменуваат „конкретни релевантни факти или документи“. Иако на институцијата која ја води Александар Даштевски ѝ требаа повеќе од 24 часа да се изјасни дека „не е виновна“, во прилог на тој став нема ништо за останатите сомнежи на ДКСК. На пример, за приемот на опремата, за вистинитоста на некои записници, за сомнителните трансакции на фирмите подизведувачи и многу други детали кои вчера ги соопшти ДКСК.
А во вчерашниот став на ДКСК имаше и детали како – дека подизведувачите си нашле свои подизведувачи, меѓу кои и еден државен факултет, што било во спротивност со јавната набавка.
Па, сепак, со доставената елаборација од Државната изборна комисија сметаат дека:
„Со ваквите наводи непотребно и неосновано се нанесува штета на професионалниот интегритет на ДИК, но и генерално негативна слика за изборниот процес и углед на државата. Поради сите неточни и невистинити наводи на ДКСК, ДИК ги сведува односите и комуникацијата со ДКСК само на неопходните обврски кои произлегуваат од надлежности утврдени со закон“,
соопштија од Државната изборна комисија.
„360 степени“ пишуваше за сомнежи околу тендерот за набавка на „фингерпринт“ уште кога пропадна првиот тендер, во 2021 година. По првиот, неуспешен обид да се купи опремата, двајца членови на предметната комисија си поднесоа оставки. Барем едниот од нив, во оставката тврдел дека ја поднесува поради притисоци.
И тогаш и сега, од Државната изборна комисија велат дека сѐ е чисто и дека сѐ е спроведено според закон. Единствениот авторитет кој во моментов може да пресече дали е така или не е Јавното обвинителство на РСМ.