На електронскиот систем за јавни набавки може да се види дека Министерството за здравство вчера има склучено договор со домашна фармацевтска компанија за набавка на 600 сензори во периодот од 2023 до 2025 година. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е околу 1,5 милиони евра

Антидијабетната терапија и инсулинските игли, заедно со новите терапии се пуштени и тоа е она што го баравме. Во текот на оваа недела е пуштено околу 95 отсто од терапијата, вели претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Димче Велев, за МИА.
Иако од Министерството за здравство најавија состанок со претставници на Сојузот, тој сѐ уште не се одржал, а Велев очекува да ги повикаат во секој момент.
„Во меѓувреме, пуштаат антидијабетна терапија, заклучно со денеска комплет ја пуштаат цела, заедно со новите терапии, не само во систем, туку пуштени се реално. Тоа е работа на компаниите и на нивните ресурси за дистрибуција, очекуваме брза ефикасност“,
вели Велев.
Останува отворено прашањето за тоа што ќе се прави со промената на системот за глукомери и ленти.
„Тендерот е потпишан и за неколку недели, во најбрз можен рок, се очекува да се донесат 40 илјади глукомери и 700 сензори за деца. Два сензора ќе бидат нови. Првпат во 30 години, државата воведува сензори за деца до 18 години. Секое дете до 18 години, слепи деца, како и оние со гестациски дијабетес ќе добиваат сензор. Тоа е промена. За седумстотини деца веќе нема да има боцкање на глукомер, туку ќе бидат со сензори“,
изјави Велев.
Тој вели дека бараат сите лица со дијабет тип еден, да добијат сензори.
„Владата веќе најави 570 дополнителни нови сензори. Одлука нема формална, но се најавени. Нас нѐ интересира сега акцискиот план за превенција на дијабетес, нѐ интересира за да може да почнеме со едукација. Имаме повеќе предизвици – протоколот да се смени што е изработен заедно со СЗО, претдијабетесот и дијабетесот да почнат да се третираат на примарно ниво, кај матичните доктори, а за инсулин, да се оди на терцијално ниво, на клиника. Другото да го работат матичните и дијабетолозите“,
додава Велев.
Во однос на најавите за тужби поради доцнењето на терапијата, Велев рече дека е разговарано со адвокати како да се состават претставки до Министерството, додека се чека средбата.
На електронскиот систем за јавни набавки може да се види дека Министерството за здравство вчера има склучено договор со домашна фармацевтска компанија за набавка на 600 сензори во периодот од 2023 до 2025 година. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е околу 1,5 милиони евра.