Афроамериканецот кој беше убиен при апсење од полицијата се покажало дека бил позитивен на новиот коронавирус. Ова го покажала обдукцијата, јавува Си-ен-ен.
Посмртниот тест покажал дека тој е „позитивен на 2019-нКоВ РНА“, пишува во извештајот користејќи нов термин за коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид-19.
Главниот медицински инспектор Ендру Бејкер изјавил дека ПЦР-тестот бил направен за време на обдукцијата и дека тој може да покаже позитивен резултат и неколку недели по заболувањето со ковид-19.
Бејкер додал дека Флојд веројатно бил асимптоматски случај и вирусот немал улога во неговата смрт.
Флојд беше убиен при апсење во Минеаполис минатата недела. На видеото од полициската операција се гледа како полицаец со нога го притиска Флојд на земја сè додека не изгуби воздух.
Во знак на револт кон полициската бруталност, повеќе од една недела во САД се одржуваат протести, а почнуваат и во одредени градови и во Европа. Полицискиот службеник Дерек Шовин е обвинет за неговата смрт.