Преурането е да се коментира, вели Џолев и додава дека за тоа колку и кои нови судии ќе бидат примени во Кривичниот суд ќе одлучи Судскиот совет

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, очекува идните судии и обвинители да бидат квалитетни кадри, но не сака да навлегува во анализа на тоа кои се и чии деца се.
„Јас немам надлежност да правам анализа дали е стручен кадар или не, кои ќе бидат судии и обвинители. Се надевам на квалитетни кадри. Преурането е да се коментира“,
рече Џолев на брифинг со новинарите.
Тој зборуваше на оваа тема откако беше објавена ранг-листата на кандидатите што го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители, со што се стекнаа со право да се пријават на конкурси за обвинители и судии и да се вработат во некои од судовите и обвинителствата во државата.
Меѓу кандидати што се најдоа на конечната ранг-листа е синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, снаата на генералната секретарка на законодавниот дом Цветанка Иванова, како и синови и ќерки на актуелни обвинители.
Џолев одбегна да даде прецизен одговор дали би сакал некои од нив да дели правда во судот чиј претседател е тој и рече дека не сака да навлегува во тоа чии деца се, но вели дека не е ништо поразлично од она што се случува и во други професии, како што се на пример адвокатурата, здравството итн., каде што децата се занимаваат со иста професија како некој од родителите.
Колку нови судии ќе бидат примени во Кривичен, вели тој, ќе одлучи Судскиот совет кој прави анализи.
Она што го потенцира Џолев е дека во овој суд, кој е најголем по својата надлежност, има недостиг од судии – во моментов се околу 45, а според предвиденото треба да бидат 75.
Сепак, вели, и покрај недостигот, во 2022 година успеале да решат рекорден број предмети во историјата на судот – 107 000, што е за околу 3 000 повеќе од 2021 година, кога имало и повеќе судии. Од друга страна, пак, голем е и напливот на предмети, па така во текот на минатата година биле примени околу 110 000.