Освен 95-годишната Лолобриџида, кандидатура на општите избори во Италија најави и поранешниот премиер Силвио Берлускони кој има 85 години
Италијанската филмска дива Џина Лолобриџида одлучи да влезе во политиката на 95 години и да се кандидира за место во Сенатот на парламентарните избори закажани за 25 септември, пренесува ДПА.
„Ми здодеа да слушам како политичарите се расправаат меѓу себе без всушност да се зафатат со работа. Италија е во лоша состојба, сакам да направам нешто добро и позитивно“,
изјави Лолобриџида за „Кориере дела сера“.
Лолобриџида, која наполни 95 години во јули, се труди да стане сенатор на Италијанската социјалистичка партија, нова евроскептична политичка алијанса која се противи на испраќање оружје во Украина.
Таа за „Кориере дела сера“ рече дека била инспирирана од Махатма Ганди, од неговиот начин на вршење на работите без насилство и дека била одлична пријателка со првата жена премиер на Индија, Индира Ганди.
Меѓу другото, таа рече дека пред да ја донесе оваа одлука разговарала и со својот адвокат. Поранешната актерка има старател назначен од судот по долгогодишен семеен спор и затоа не ѝ е дозволено да донесува независни одлуки за својот имот.
Лолобриџида се обиде да ја започне својата политичка кариера уште во 1999 година, кога се кандидира за Европскиот парламент, но не го освои потребниот број гласови.
„Во секој случај, тоа беше искуство. Во животот можеш да изгубиш и можеш да победиш“,
рече актерката чија кариера беше на врвот во 1950-тите години.
И 85-годишниот поранешен премиер Силвио Берлускони, кој ќе наполни 86 години четири дена по изборите, минатата недела изјави дека планира да се кандидира за место во италијанскиот Сенат.
Италија ќе избира нови членови на Сенатот на 25 септември по неодамнешниот пад на владата на Марио Драги. Во моментов, според анкетите, води централно-десничарскиот блок собран околу партиите Браќа на Италија, Лига и Форца Италија.