„Никаква вистина нема дека претседателот на Собранието од експремиерот примил каков било допис или каков било материјал. Тоа е невистина којашто само служи за дневна политика, како што кажав и претходно. А дека Собранието добива материјали, добива од овластени предлагачи во форма која е пропишана со Деловникот. Така што, понатаму не би сакал да користам несоодветни зборови што ги заслужува таквата инсинуација и оставам на совеста на тие што шпекулираат со јавноста“, изјави денеска претседателот на Собранието во врска со тврдењата на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за тајна комуникација меѓу него и експремирот Никола Груевски
Претседателот на Собранието денеска уште еднаш ги негираше и ги оцени како невистинити тврдењата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за тајна комуникација меѓу него, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и уште едно лице со експремиерот Никола Груевски, а во чие средиште се најде уесбе со наводни материјали за измените на Кривичниот законик.

Според собранискиот спикер, станува збор за невистина која служи за дневна политика и додаде дека не би сакал да користи „несоодветни зборови што ги заслужува таквата инсинуација“.
„Никаква вистина нема дека претседателот на Собранието од експремиерот примил каков било допис или каков било материјал. Тоа е невистина којашто само служи за дневна политика, како што кажав и претходно. А дека Собранието добива материјали, добива од овластени предлагачи во форма која е пропишана со Деловникот. Така што, понатаму не би сакал да користам несоодветни зборови што ги заслужува таквата инсинуација и оставам на совеста на тие што шпекулираат со јавноста“,
изјави претседателот на Собранието по денешниот брифинг со новинарите.
Изјавите за наводните документи дадени на Џафери и Ахмети, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ првпат ги изнесе во петокот во гостување на ТВ Алсат каде што рече „можеби треба да им се освежи меморијата и за пликовите што ги добиваа со едно уесбе и Али Ахмети и Талат Џафери во 2022 година пролетта, што имаше во тоа уесбе и кои беа документите кои беа дел од тоа“.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ емитувано вчеравечер на МРТ 1 сподели материјали за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице. Притоа, Николоски покажа уесбе, за кое тврди дека е она што го спомнуваше лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски, а со „360 степени“ сподели и три испечатени страници А4-формат за кои вели дека се содржината од уесбето.
Според Николоски, тоа се докази дека веќе подолго време поранешниот претседател на партијата Никола Груевски е дел од сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние спомнавме дека имаме докази за таа работа. Јас, еве – ќе ги извадам вечерва во интервјуто. Ова е тоа фамозно уесбе-стикче на коешто ги има измените. А, измените ќе Ви ги оставам. Ако ги прочитате измените на Кривичниот законик, коишто се доставувани минатата година…
– Ова за што зборувате е содржина од уесбето?
Да. Значи, овие измени се доставувани до Али Ахмети, Талат Џафери и трета адреса.
– Од кого?
Од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“,
кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за „360 степени“.
Прашан како може да веруваме дека станува збор за автентичен материјал, Николоски рече дека „ако одиме форензички, ако сакате на тој начин да ги гледаме работите, на ова уесбе има јасна трага кој е креатор на текстот“.
„Оние кои се поупатени во компјутерите знаат како се остава трага и таа трага е оставена на ова уесбе“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти тврдењата на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, експремиерот и поранешен лидер на партијата Никола Груевски вчера вечер негираше дека постои такво уесбе и дека, како што рече, „секој за 15 минути може да направи уесбе и да рече ова е уесбето што го пратил Груевски“.
„Уесбе може да направи секој. Можам јас да ви направам за 15 минути. Може кој било човек да направи за 15 минути и да каже ова е уесбето што пратил Груевски. Јас можам за 15 минути да напишам писмо и да кажам ова е од Александар Николоски. На пример, ако има во октомври избори, дека Александар Николоски дал предлог дека ќе коалицираат со ДУИ и да го извадам уесбето и да кажам дека Мицкоски преку Николоски му нуди на ДУИ избори и потоа коалиција. И не знам зошто се занимаваат со овие глупости кога цел народ знае дека на уесбе што и да напишете може да кажете дека е од Александар, од Никола, од Трајко, од Петко… Чудно, многу чудно. Такво нешто не постои“,
изјави Груевски во мини интервју за емисијата „Тешки муабети“ на порталот „Инфомакс“, емитувано вчеравечер.
Препукувањата околу фамозното уесбе се последните случувања од отворената „војна“ со обвинувања и фесјбук-преписки меѓу актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и неговиот претходник, сега бегалец во Будимпешта, Груевски.
„Фронтот“ го отвори Мицкоски, кој минатата недела во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) го обвини Груевски дека е во тајна комуникација со власт со цел раздор во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.