Српскиот претседател Александар Вучиќ во изјава за српските медиуми од Њујорк рече дека намерата на косовскиот премиер е да ја победи ДУИ и по парламентарните избори да биде дел од власта во Северна Македонија
Дилемата за можно учество на партијата на Курти на изборите во Македонија настана кон крајот на декември откако трите опозициски партии на Албанците, обединети во „Европскиот сојуз за промени“, најавија дека на нивните листи ќе има имиња на партијата на Албин Курти – Самоопределување
Божем многу се загрижени за судбината на Али Ахмети и на ДУИ, а во суштина се против колективните интереси на Албанците овде. Ова денеска од тетовско Селце го рече техничкиот премиер Талат Џафери коментирајќи ја изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дадена од САД, дека косовскиот премиер Албин Курти има намера да ги победи ДИУ и по парламентарните избори да владее и во Северна Македонија.
Џафери смета дека ваквите изјави се дел од интензивна пропагандистичка кампања која според него се прави против Албанците како колективен народ во Северна Македонија.
„Но, граѓаните разбираат соодветно на што се однесува оваа душегрижност на оние што ги даваат овие изјави, а во суштина и децата во колепка знаат дека индиректно и фактички се иницира незадоволство кон божем ДУИ, а во суштина е попречување на она што се проекции за достигнување на оние цели за кои програмски е определено присуството, живеењето и работата на Албанците како колективен народ овде во Северна Македонија. Во тој контекст тоа е дел од интензивната пропаганда и однадвор и однатре“,
рече Џафери.
Дилемата за можно учество на партијата на Курти на изборите во Македонија настана кон крајот на декември откако трите опозициски партии на Албанците, обединети во „Европскиот сојуз за промени“, најавија дека на нивните листи ќе има имиња на партијата на Албин Курти – Самоопределување.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во изјава за српските медиуми од Њујорк рече дека намерата на косовскиот премиер е да ги победи ДУИ и по парламентарните избори да биде дел од власта во Северна Македонија.
„Сака да владее и со Северна Македонија. Да, сериозно, сака да ги победи Али Ахмети и ДУИ за да владее во Македонија по мајските избори“,
рече Вучиќ.
Курти, пак, при претходната посета на Скопје не спомена поддршка на следните избори за опозициските партии на Албанците иако тие, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“, на крајот на декември минатата година се пофалија дека добиле уште еден поддржувач, партијата Самоопределување на Албин Курти.
„Движењето Самоопределување не е регистрирано во Северна Македонија. Ние имаме активисти, имаме и службеници на нашиот политички субјект во Косово кои доаѓаат од Северна Македонија, меѓутоа овде немаме регистриран центар на Самоопределување. Затоа и ние како Самоопределување нема да учествуваме тука. Јас посакувам да има што поголемо учество на изборите бидејќи тоа придонесува за демократијата“,
рече Курти.
Повикувајќи се на извори од косовските безбедносни служби, Радио-телевизија Косово викендов објави дека имало план за атентат врз косовскиот премиер Албин Курти, за време на неговата посета на Скопје.
Атентатот, како што се наведува, бил подготвуван од српски структури.
Курти во изјава за косовските медиуми потврдил дека имало закани од поединци и структури, кои според него имаат корени од официјален Белград.