Според него, процедурално не е пречка процесот да отпочне, а во меѓувреме да продолжат преговорите за постигнување политички консензус околу ова прашање, кое, како што изјави на денешниот брифинг со новинарите, не е само интерес на владејачкото мнозинство, туку е интерес на државата и на нејзините граѓани
Четири и пол месеци е минималниот период за усвојување на уставните измени од моментот на доставување на иницијативата во Собранието, а процесот може да почне и без постигнат политички договор и да се искористат триесетте дена до првото гласање за дијалог.
Ова на денешниот брифинг со новинарите го кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери, пренесува МИА.

Според него, процедурално не е пречка процесот да отпочне, а во меѓувреме да продолжат преговорите за постигнување политички консензус околу ова прашање.
„Не е невозможна мисија имајќи ги предвид овие рокови. И додека течат тие рокови, има време за дебата. Процедурално е можно“,
рече претседателот на Собранието.
Негово лично мислење, кое го искажа на брифингот, е дека процесот треба да почне и да заврши, но како што истакна, консензусот во оваа процедура е неминовен.
„Консензус е неминовен во оваа процедура затоа што не може се помине ни во една постапка без тој консензус“,
рече Џафери.
Ова прашање, како што истакна тој, не е само интерес на мнозинството, туку е интерес на државата и на нејзините граѓани.
„Државата 30 години работи макотрпно на тоа да ги оствари двете стратешки цели (членството во НАТО и во Европската Унија н.з.) кои ги определиле уште при осамостојувањето, ова е можноста“,
вели Џафери.
Повикувајќи се на искуството со процесот околу членството во НАТО, Џафери посочи дека одлагањето на влезот во Алијансата во 2008 година нè чинеше десет години и оти не е убеден дека по ова добивме подобро решение од она што било тогаш на маса.
„Поучен од тоа искуство, секое одлагање на оваа можност сега сметам дека наредното евентуално решение би било уште потешко, особено кога упатува дека нема простор за нови преговори во нештата што се поминати досега. Тоа се работи кои се јасни и тоа ние јасно треба да го кажеме. Ние како политичари треба да ја преземеме одговорноста за идните генерации“,
кажа претседателот на Собранието.
Џафери посочи дека доколку нема две третини на првото гласање, процедурата ќе прекине. За тоа дали во вакво сценарио би имало избори, Џафери вели дека за тоа да се случи, потребни се 61 глас за распуштање на овој парламентарен состав.
Во овој контекст, државниот врв, рече Џафери, досега не разговарал што доколку не се усвојат уставните измени, што може да предизвика нова длабока политичка криза.
Низ кои процедури и рокови треба да помине иницијативата за уставните измени
Собранискиот спикер даде и кратко објаснување на процедурата низ која треба да помине иницијативата за уставните измени, со која Бугарите и неколку други заедници треба да влезат во Преамбулата на највисокиот правен акт на државата.
Од пристигнувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието, потребни се 30 дена за таа да биде разгледана, по што ќе се одржи пленарна седница на која треба да се гласа.
„Седницата може да почне и со 61 пратеник за усвојување на дневниот ред, со точка на дневен ред иницијатива за пристапување кон измени на уставните измени. Се усвојува дневниот ред со присуство на 61 пратеник, а од нив минимум една третина да изгласа „за“, значи дека е поминат дневниот ред. Одлуката за пристапување (кон уставните измени) што треба да ја донесе Собранието е со двотретинско гласање (од 120 тоа се 80 пратеници). Особено што се работи за промена на Преамбулата и по она што кажа Работната група во кои правци ќе оди измената, ќе се оди на составот на Комитетот и дијаспората. Оваа иницијатива ќе има две точки, барем првично каде што треба да се гласа и со Бадентерово мнозинство“,
појасни Џафери.
Од вкупниот број пратеници, 40 се припадниците на заедниците, а од нив за овие гласања потребни ќе бидат гласовите на 21 пратеник од заедниците.
Во однос на натамошната постапка, тој рече дека откако иницијативата ќе биде изгласана, материјалот повторно се доставува во Владата со заклучок во кој се поставува рок. Потоа текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието, кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
Амандмани може да се поднесат само за она што е предмет на измените на Уставот и тоа право го имаат пратеник, работно тело и Владата како предлагач, најдоцна осум дена пред Седницата на Собранието. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот. По ова, следува јавна расправа која не може да биде подолга од 30 дена. Потоа Владата поднесува предлог-амандмани во Собранието, кои треба да се прифатат на Комисија за уставни прашања, која потоа испраќа извештај со дополнет предлог на текст на седница и на нив секој еден пратеник може да поднесе амандман, но не нов амандман, туку за истата материја. За да се изгласаат предлог-амандманите, потребни се 80 гласови, односно двотретинско мнозинство.
„Текстот на амандмани се усвојува со 61, а усвојување на амандмани на крај со двотретинско мнозинство“,
појасни претседателот на Собранието.
Од Министерството за правда за државната новинска агенција денеска соопштија дека пред да биде испратена во Владата, Предлог-иницијативата за уставните измени, со која Бугарите и други народи ќе треба да се внесат во Преамбулата од Уставот, се разгледува во Министерството.
Разгледувањето, како што велат оттаму е од технички аспект, а потоа ќе биде дадена на превод на албански јазик. Откако ќе биде подготвена таа ќе биде доставена до Владата, која треба да ја разлгеда и усвои на седница, а потоа Предлог-иницијативата ќе биде доставена во Собранието.
Работната група за уставните измени на 26 мај ја усвои Предлог-иницијативата за уставните измени, според која, освен бугарскиот, во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
„Втората измена е во делот што зборува за дијаспората и во амандманот 35 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат истите овие зборови – народи кои беа спомнати во Преамбулата“,
изјави претседателката на работната група, Маргарита Цаца-Николовска, по усвојувањето на Предлог-иницијативата.