Освен тоа, Џафери додаде дека во прекршувањето на собраниските правила и норми на Касами му се приклучиле и го поддржале уште неколку други пратеници, што е, како што рече тој, во спротивност со воспоставените правила, му овозможиле да се обрати од прес-центарот во Собранието, од местото предвидено исклучиво за изјави на народните избраници
Во Собранието е предвидена посебна процедура за начинот на одржување на конференции за печат за тоа каде и кој се може да го користи тоа право, реагираше денеска преку писмено соопштение претседателот на Собранието Талат Џафери за одржената прес-конференција во Собранието на градоначалникот на Тетово и претседател на движењето Беса, Биљал Касами, кој заедно со пратениците од албанскиот опозициски блок-Демократско движење, Беса и Алтернатива најави дека отсега во законодавниот дом ќе дејствуваат во рамки на заедничка пратеничка група.

Џафери вели дека Касими со ова го злоупотребил Собранието со тоа што ги прекршил воспоставените собраниски процедури за одржување на конференции за печат во зградата на законодавниот дом, за лична политичка промоција.
„Прес-центарот во законодавниот дом е наменет исклучиво само за пратениците од тековниот мандат, па така, нејасно е денеска Касами во кое својство присуствуваше и говореше на ненајавената прес-конференција во Собранието. Како поранешен пратеник, Касами би требало да е упатен во процедурите на законодавниот дом и да знае дека, Собранието не е место на кое тој може да се обраќа било како градоначалник или како претседател на партија“,
посочи Џафери.
Освен тоа, Џафери додаде дека во прекршувањето на собраниските правила и норми на Касами му се приклучиле и го поддржале уште неколку други пратеници, што е, како што рече тој, во спротивност со воспоставените правила, му овозможиле да се обрати од прес-центарот во Собранието, од местото предвидено исклучиво за изјави на народните избраници.
Пратеници од партиите Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива, кои се дел од коалицијата Европскиот сојуз за промени, денеска од собраниската говорница најавија дека ќе делуваат во една пратеничка група, чиј координатор ќе биде пратеничката Сафије Садики Шаини.
Освен што најавија дека заеднички ќе дејствуваат во законодавниот дом, пратениците од „Европскиот сојуз за промени“ ги повикаа сите пратеници кои сакаат, да се приклучат кон нивната пратеничка група.
„Одлучни сме оваа битка да ја водиме сè до целосното ослободување на Албанците од режимот на ДУИ и од нивните чираци. Овој пат ништо не нè обесхрабрува. Напротив, колку повеќе сметаат дека нè напаѓаат и попречуваат – само не прави посилни“,
додаде Гаши.
Алтернатива, Беса и Демократско движење на 5 ноември ја формираа коалицијата „Европски сојуз за промени“.