Претседателот на Собранието им порача на пратениците од опозицијата дека ако имало малку самокритичност и објективност, тие ќе се воздржеа од вакви, според него, неосновани напади
Интерпелацијата што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја поднесоа за мене содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација поради што и решив да одговорам на крајно тенденциозните наводи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во одговор за интерпелацијата што ја поднесе опозицијата откако во јавноста беше објавена аудиоснимка како спикерот со навреди и пцости им се обраќа на вработени во собраниските служби и по седницата на која беа заклучени вратите на салата каде што се одржуваше пленарна седница на крајот на мај.
ВМРО-ДПМНЕ како дел од причините што ги наведе за интерпелацијата беа кршење на Уставот и на собранискиот Деловник, нарушување на угледот на институцијата, самоволие, користење пцости во комуникацијата и омаловажување, навредување на пратениците…
Меѓутоа, тврди дека тоа се невистини и оти опозицијата ги користи за дневно-политички цели.
„Во врска со наводите дека сум го прекршил Деловникот со тоа што сум побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, на сите упатени во случувањата во Собранието во последните неколку години веројатно им е многу јасно дека станува збор за чисто лицемерство. Односно, мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот. Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека сум сторил нешто надвор од моите надлежности“,
пишува Џафери во одговорот.
Повикувајќи се на деловничко право, тој наведува дека претседателот на Собранието може да го утврди бројот на присутни пратеници со броење, и токму за да се утврди бројот, вели Џафери, биле затворени и вратите.
„Во Деловникот е предвидена можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сè додека трае поименичното изјаснување, така што јасно е дека единствената намера на опозицијата, во овој случај беше да приредат евтина претстава пред јавноста“,
вели Џафери.
Што се однесува до обвинувањата за прекршување на кодексот, вели спикерот, јас нема да навлегувам во сценариото на пратеничката група на опозициската коалиција, која се обиде да создаде тензична атмосфера во салата на продолжението на 71. пленарна седница.
„Делумна вистина во интерпелацијата е тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, во еден период, откако не успеаја во своите задни намери на 27 април 2017 година, не присуствуваа на координациите кај мене, иако секогаш беа уредно поканети. Затоа пак, апсолутна вистина е дека координаторот и пратениците од оваа пратеничка група, и покрај неприсуството на координациите, како нивен политички маневар пред јавноста, во тој период, практично, не излегуваа од мојот кабинет, каде што доаѓаа дури и за лични потреби и барања. Од тој аспект, воопшто не држат вода наводите за мое несоработување со координаторите на сите пратенички групи, вклучително и со тие од опозицијата“,
пишува во одговорот на претседателот на Собранието.
Одговорот до ВМРО-ДПМНЕ напишан на неколку страници Џафери го завршува со пораката дека стара вистина е дека пред да обвинуваш некого, прво треба да се погледнеш во огледало.
„Да имаше малку самокритичност и објективност кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе се воздржеа од вакви неосновани напади врз мене и од креирање вакви сценарија. Затоа што фактите говорат дека и Етичкиот кодекс и законските измени со кои се овозможи независноста на собраниската администрација се донесени во мојот мандат, дека најновиот извештај на ДЗР за работата на Собранието е чист како солза, а дека прекршувањата на Уставот и на Деловникот беа пракса во едни минати времиња“,
завршува Џафери.
Интерпелацијата, за која тој одговори денеска, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе на 30 мај. Според Деловникот, таа треба да се најде на дневен ред на првата наредна седница на Собранието по истекот на 15 дена од денот на доставување на одговорот.
Пратениците на пленарна седница расправаат за интерпелацијата еден работен ден, а се гласа најдоцна до 24 часот истиот ден.