Претседателот на парламентот вели за „360 степени“ дека само неформално бил информиран за намерите на СДСМ да собере најмалку 20 пратенички потписи за свикување седница, но дека досега не добил официјален предлог
Како претседател на парламентот немам право ниту мандат, со индивидуален акт, односно со решение за свикување седница, да ја поништам одлуката на Собранието за распуштање, вели спикерот Талат Џафери во изјава за „360 степени“ коментирајќи ја иницијативата на СДСМ за свикување на законодавниот дом.
„Јас сум свесен за ситуацијата и не сум неодговорен, ама како претставник на институција сум обврзан да ги почитувам Уставот, законите и прописите. Ако не постапувам така, правам кривично дело, а зошто би го правел тоа“,
вели Џафери.
Во однос на потребата Собранието да ја потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, Џафери посочува дека Уставот предвидел и ситуација кога парламентот не е во можност да се состане. Објаснува дека прашањето дали овој или следниот парламент ќе ја потврди вонредната состојба, всушност, е хипотетичко.
„Според Уставот, вонредна состојба може да прогласат парламентот и претседателот на државата. За парламентот да прогласи или да потврди одлука за прогласување вонредна состојба, е потребно двотретинско мнозинство. Затоа, и во случај парламентот да се состане, прашање е дали ќе обезбеди двотретинско мнозинство за потврда на одлуката на претседателот, кој, сепак, има надлежност да прогласи вонредна состојба“,
вели Џафери.
Претседателот на парламентот вели дека само неформално бил информиран за намерите на СДСМ да собере најмалку 20 пратенички потписи за да поднесе предлог за свикување собраниска седница. Но, како што посочува, досега не добил официјален предлог по кој би можел и официјално да се произнесе.
Според Уставот, првиот парламентарец е единствен надлежен да закаже седница на Собранието, а тоа може да го направи и по барање на 20 пратеници, на Владата или на шефот на државата. Сепак, претседателот на парламентот може, ама не е обврзан да постапи по предлогот за свикување седница.
Наспроти социјалдемократите, кои сметаат дека Собранието треба да биде ставено во функција, владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се повоздржани и критички настроени кон иницијативата на СДСМ. Според ДУИ, вакви прашања треба да се решаваат со консензус, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, носел лични одлуки на штета ма државата.
Овој собраниски состав се распушти на 16 февруари, за што одлуката беше донесена со повеќе од сто гласови од вкупно 120 пратеници. Со оглед на тоа што на 12 април требаше да се одржат вонредни избори, деветтиот парламентарен состав ќе имаше мандат некаде до почетокот на мај, односно 20 дена по изборите. Но, во меѓувреме, беше прогласена вонредна состојба во земјава, а изборните дејствија беа замрзнати, така што, практично, е продолжен мандатот на актуелните пратеници.
Новиот собраниски состав се очекува да биде избран по завршување на вонредната состојба, кога Владата треба да донесе нова уредба за продолжување со изборните дејствија, кои беа стопирани ден пред стартот на изборната кампања. Десеттите парламентарни избори, наместо на 12 април, ќе се одржат 20 дена откако ќе се создадат услови за почеток на изборната кампања. Најдоцна 20 дена по изборите, Џафери треба да ја свика конститутивната седница на десеттиот собраниски состав.