Во врска со именувањата на граѓаните на земјава според националната и етничка припадност кои доаѓаат однадвор, собранискиот спикер вели дека тој би бил навреден ако некој го нарече „Северномакедонец“
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за „Слободна ТВ“ вели дека нема дилеми дека двете одлуки што ги донел за одбивање на иницијативите за одржување референдум што ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и Левица биле „сосема исправни“.

„Имајќи ги предвид моите шест пратенички мандати и ова искуство како претседател на Собранието во втор мандат, функција која првенствено подразбира преземање одговорност, немам дилеми дека двете одлуки што ги донесов се сосема исправни вклучително и овие за иницијативите за референдумите. Во тој контекст јас ништо не сум направил што е надвор од моите надлежности“,
вели Џафери во интервјуто.
Во него тој истакнува дека никој не треба да се смилува за да профункционира Собранието во полн капацитет, согласно потребите на држава и на нејзините граѓани, туку секој треба да си ја провери сопствената совест и одговорност.
„Замислете сега да не бевме членка на НАТО. Две скандинавски земји бараат итно да бидат примени во Алијансата, а ние сѐ уште недоволно ја разбираме потребата од итност за интеграција со ЕУ, ниту потребата од општа колективна безбедност, и од демократски и од економски аспект. Верувам во одговорноста на пратениците пред граѓаните и државата како уставна обврска“,
потенцира претседателот на законодавниот дом.
Тој потсетува дека се водат преговори во процесот „Жан Моне“ за да се прецизираат деловничките одредби околу улогата и надлежностите на собраниските комисии за собранискиот пленум да не биде заложник на политички и теснопартиски хирови.
Зборувајќи во контекст на навестувањата за потребата од промени во уставното уредување на земјава, симболите на државата, како и натамошното поставување на граѓанскиот концепт во општеството, Џафери вели дека периодов е премногу суптилен за такви теми, и дека период со нагласена енергетска, економска и социјална криза не е најпогоден за такви активности.
Во врска со именувањата на граѓаните на земјава според националната и етничка припадност кои доаѓаат однадвор, собранискиот спикер вели дека тој би бил навреден ако некој го нарече „Северномакедонец“.
„Јас не сум северномакедонец, јас сум Албанец и граѓанин на Република Северна Македонија и мислам тоа би навредило било кој од било која етничка припадност. Кога некој од надвор намерно или ненамерно поради некои нивни тамошни лингвистички правила така нè именува, треба да реагираме, да им укажуваме“,
вели Џафери.
Инаку, во однос барањата за одржување на референдум, Џафери ги одби иницијативите што до Собранието ги поднесоа првин ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и партијата Левица, а се однесуваат на Договорот за добрососедство со Бугарија, односно за заклучоците за Францускиот предлог што ги откочи евроинтегративните процеси на земјава.
ВМРО-ДПМНЕ иницијативата за организирање на референдум ја поднесе на почетокот на септември, а референдумското прашање кое требаше да им биде поставено на граѓаните доколку барањето на опозициската партија ја поминеше законската процедура гласеше: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018?“
Левица својата инцијатива ја поднесе до Собранието на 7 октомври со референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”.
Џафери ги одби двете иницијативи со образложение дека онаа на ВМРО-ДПМНЕ е во спротивност со Уставот, а за иницијативата на Левица собранискиот спикер се произнесе дека не била подготвена во согласност со Деловникот на Собранието и дека прашањето е несоодветно поставено.