Знам дека сите би сакале да бидеме дел од зрело, човечно, хумано, еднакво, правично општество во кое никој нема да се почувствува дека е помалку вреден, помалку важен и небитен дел од општествениот живот на една земја, меѓутоа, за жал, реалноста која што ја гледаме, за која што читаме и слушаме секојдневно, не удира како алармно ѕвоно во слепоочниците и ни го потврдува токму спротивното
Верувам дека зборувањето и информирањето за дискриминацијата, едукацијата, сознанието и во исто време, прифаќањето и почитувањето на различностите е клучот кон вистински хумано, демократско и напредно општество во кое никој никогаш веќе нема да се чувствува дека е помалку вреден
Дискриминацијата е предизвик пред кој што може да се најде секој еден поединец, во секоја можна животна ситуација и сфера при што може да биде и во улога на директен, индиректен дискриминатор кој вознемирува по пат на повикување, поттикнување или инструирање дискриминација или, пак, да биде во улога на дискриминиран. Затоа е битно секоја алка од синџирот на општествена одговорност, правна заштита, судска ефикасност и транспарентност да функционира беспрекорно.
Вака, претседателот на Собранието Талат Џафери им се обрати на присутните на Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа која се одржува со Собранието на РСМ.
Тој тука како многу важна ја истакна улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која е основана со Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година, како самостоен и независен орган кој ќе работи на промоција, заштита и одржување на еднаквоста, човековите права и недискриминацијата.
„Да бидеме начисто, знам дека сите би сакале да бидеме дел од зрело, човечно, хумано, еднакво, правично општество во кое никој нема да се почувствува дека е помалку вреден, помалку важен и небитен дел од општествениот живот на една земја, меѓутоа за жал, реалноста која што ја гледаме, за која што читаме и слушаме секојдневно, не удира како алармно ѕвоно во слепоочниците и ни го потврдува токму спротивното“,
рече Џафери.
Во ова време на напредок, на можности, на ресурси и откритија, рече тој, човекот, луѓето, знаат да бидат и тоа како сурови, неправедни, интолерантни, неразумни и над сè, нехумани кон другите човечки суштества, било да се работи за припадност на маргинализирана група, пол, сексуална ориентација, родов идентитет, лично својство и општествен статус, или пак национална или етничка припадност, религија или верско убедување, политичко уверување, попреченост, возраст, имотен статус, образование, семејна или брачна состојба, здравствена состојба, социјално потекло.
„И, неслучајно ги кажав по овој редослед можните субјекти и состојби за дискриминација. Имено, таа слика и подредување се добива од бројот на поднесени претставки прикажани во кварталниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како единствено тело од овој вид, основано од Собранието на Република Северна Македонија. Таквата слика ја стекнуваме и од годишниот извештај на Комисијата за 2021 година, што е веројатно делумен приказ на вистинската и сурова слика на терен. Затоа што сум убеден дека не секој поединец кој што бил жртва на дискриминација презел и нешто конкретно како поднесување на претставка и пријавување на овие појави“,
потенцира Џафери.
Тој ја посочи пред се превентивната улога што може да ја игра Комисијата согласно новите, проширени надлежности, односно информирањето, едукацијата и подигањето на свеста како најдобар начин за спречување на дискриминацијата.
„Ја знаете онаа старата, добро позната поговорка која гласи, ‘Подобро да се спречи отколку да се лечи?’ Јас верувам во неа! Верувам дека зборувањето и информирањето за дискриминацијата, едукацијата, сознанието и во исто време, прифаќањето и почитувањето на различностите е клучот кон вистински хумано, демократско и напредно општество во кое никој никогаш веќе нема да се чувствува дека е помалку вреден“,
додаде тој.
Но сепак посочи дека таа борба не ја води само едно тело, туку треба сите во општеството – почнувајќи од семејните средини, преку образованието, медиумите, работните средини, на улица, а како суштинска ја истакна улогата на законодавниот дом и пратеничкиот легитимитет кој, како што рече, е цврстата основа врз која се заснова и Законот за спречување и заштита од дискриминација, меѓутоа, уште поважно е спроведувањето на истиот во реалниот живот и ситуации, со доследно извршување и на казнените одредби.
„Сите ние, без исклучок треба да бидеме чувари на човековите права и слободи и да овозможиме слободен, рамноправен и достоинствен живот и услови за функционирање за секој еден поединец на нашата заедница. За тоа е клучна меѓу-институционалната соработка, меѓутоа и стекнувањето и применувањето на меѓународните искуства на поискусните и потврдени демократии. Јас ви посакувам успех во вашиот пат кон намалување и конечно искоренување на дискриминацијата и сегрегацијата“,
истакна во обраѓањето Џафери.