По вчерашната посета на еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, кој порача дека законот за јавно обвинителство е приоритет, денеска претседателот на Собранието Талат Џафери апелираше до политичките партии да ги приближат ставовите.
„Мој повик, апел е да си ги приближат ставовите. Пораката од еврокомесарот Оливер Вархеји и изјавата на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние беше повеќе од јасна“,
рече Џафери денеска во изјава за медиумите во Собранието.
Според изјавите што доаѓаат од политичките партии, пак, се чини дека нема поместување во ставовите и се продолжува со меѓусебно префрлање на вината. Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, денеска ја обвини најголемата опозициска партија нема слух за закон за обвинителство.
„Во овој момент не гледам дека се загрижени и дека би сакале да седнат да поработиме на оваа тема. Мислам дека тоа е особено од моментот кога се најавија изборите, едноставно целосно го тргнаа на страна, тоа е мојот впечаток. Се надевам дека грешам, би била пресреќна да грешам и да се откочи процесот“,
рече Калеска-Ванчева која смета дека ваков закон не е добро да го донесат само пратеници од власта туку да има поширок консензус.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој беше вклучен и во преговорите меѓу власта и опозицијата, вели дека би било добро да се донесе ова законско решение, но оти тоа не е приоритет на власта.
„Сметаме дека би било добро да се донесе, стоиме на располагање на владината група на парламентарното мнозинство ДУИ и СДСМ за конструктивни преговори, каде што би ги дале нашите предлози на донесување закон согласно стандардите на Венецијанската комисија. Но, треба да се направат приоритети доколку за владиното и парламентарното мнозинство поважен е законот за трговија со сува марихуана, а не е толку важен законот за обвинителство, тогаш тешко дека ќе можеме нешто да направиме и да донесеме“,
рече Милошоски.
Во таа насока беше и партискиот став кој утрово во изјава за „360 степени“ го посочи портпаролот Наум Стоилковски посочувајќи дека преговорите се закочени уште од октомври и дека ако власта сака да се донесе Законот тоа може да се случи уште утре ако го прифатат предлог-законот изготвен од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството за правда, од каде што уште лани летото доставија верзија на предлог-закон во Собранието, се свесни за пораката на еврокомесарот и очекуваат пратениците да се мотивираат и да гласаат.
*Поврзани вести:
Закон за ЈО – јасната порака на Вархеји не ги помести власта и опозицијата