Бугарскиот европратеник и известител за С Македонија во Европскиот парламент му го честитал избор на Џафери за премиер и притоа истакнал дека тоа е успех не само за земјава туку и за регионот бидејќи со тоа Македонија уште еднаш станала пример и за многу европски земји за успешно функционирање на мултиетничката демократија
Напредокот на државата во евроинтегративните процеси и внатрешно-политичката состојба пред претстојните парламентарни и претседателски избори. Ова биле темите за кои денеска во Владата разговарале техничкиот премиер Талат Џафери и бугарскиот европратеник од редовите на либералите, Илхан Ќучук, кој е известител за Република Северна Македонија во Европскиот парламент.

„Претседателот на Владата Џафери, истакна дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и цврста за заложба на Владата останува исполнувањето на обврските кои се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија (ЕУ)“,
се вели во владиното соопштение за средбата.
На средбата премиерот ја изразил својата благодарност за, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, блиската и активна соработка со европратеникот во изминатите четири години. Џафери го нагласил и задоволството од поддршката на Ќучук во промоцијата на европското досие на земјава во Европскиот парламент и неговиот личен придонес во носењето на важни одлуки за С Македонија.
Како последен успешен пример во таа насока, премиерот го посочил „Дијалогот Жан Моне“ во рамките на кој се одвиваа разговорите за новиот Деловник на Собранието, кој неодамна беше усвоен од пратениците.
Премиерот на преодната влада и пратеникот и известител за земјава во Европскиот парламент размениле и ставови во врска со реформите во државата и за динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија.
„Двајцата соговорници се согласија дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, а на тој начин државите од Западен Балкан ќе бидат фокусирани на засилувањето во спроведувањето на реформските процеси“,
се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Ќучук, од своја страна, честитајќи му го изборот на Џафери за премиер, истакнал дека овој избор е успех не само за Северна Македонија, туку и за регионот. Во овој контекст, европратеникот, посочил дека С Македонија уште еднаш станала пример и за многу европски земји за успешно функционирање на мултиетничката демократија.
Воедно, тој нагласил дека земјата и понатаму ќе може да смета на неговата поддршка, изразувајќи надеж дека по претстојните избори за пратеници во Европскиот парламент, ќе има можност да продолжи да придонесува за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
На 28 јануари, Собранието со 65 гласа „за“ и три „против“ ја изгласа техничката влада, која се избира на 100 дена пред парламентарни избори, кои овој пат во својот редовен термин, се закажани за 8 мај. Преодната влада ќе функционира до формалното завршување на изборниот процес и изборот на нова влада.
Џафери кој е избран да го предводи владиниот кабинет до изборите во своето експозе во неделата рече оти се обврзува на целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики, имајќи предвид дека, како што посочи претходно, техничката влада е предлог произлезен од преговорите на политичките партии, и е продолжение на претходната влада која работеше со усвоена програма.
Образложивајќи ја програмата на преодната влада, тој посочи дека ќе продолжи да ја води владата во насока на реализација на стратешките приоритети за целосна и забрзана интеграција и полнноправно членство на земјата во Европската Унија до 2030 година.
„Што се однесува на членството во Европската Унија и забрзаната европска интеграција, со цел полноправно членство до 2030 година, Владата ќе продолжи да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори. Меѓу нив се обврските што произлегуваат од одржаните билатерални скрининг состаноци, од извештајот на Европската Комисија од скринингот за Кластер 1, како и за другите кластери кои се во процес на подготовка. Тука спаѓа и Патоказот за реформи во јавната администрација и за поглавјата за владеење на правото со Акциски план, и за подготовка на Патоказот за функционирање на демократските институции, се до нивно финализирање“,
рече Џафери во своето експозе.