Наспроти Заев, кој смета дека изборите може да се одржат и во период од 45 дена од распуштање на парламентот, претседателот на Собранието вели дека минималниот рок за спроведување на изборните дејствија е 51 ден
Претседателот на парламентот Талат Џафери во изјава за „360 степени“ вели дека останува на ставот дека парламентот треба да се распушти на 12 февруари, за изборите да може да се одржат на 12 април, како што уште во октомври се договорија лидерите на парламентарните партии.
Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ја остави отворена можноста парламентот да се распушти неколку дена подоцна од предвиденото, за да има време за донесување на законот за јавното обвинителство и на други важни закони, Џафери ни изјави дека Уставот предвидува предвремени избори да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на парламентот. Отстапка од само неколку дена, како што вели, би можел да направи само ако има договор меѓу парламентарните партии за рокот до кога би биле донесени законите што се сметаат за неопходни.
„Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари“,
вели Џафери за „360 степени“.
Тој посочува дека со политичката одлука за избори на 12 април им се отвораат обврски и на други институции. Со тој датум, како што нагласува, е поврзан и рокот за избор на техничката влада – сто дена пред одржување на изборите. Затоа и, како што посочува, оваа техничка влада беше избрана на 3 јануари, што значи сто дена пред изборите на 12 април. Како што вели претседателот на парламентот, ако намерата е да се одложува датумот за одржување на изборите, тогаш би требало да се сменат и законите за влада и за избори, така што, наместо „фиксираните“ сто дена, ќе се предвиди пофлексибилно решение, односно техничката влада да има мандат до завршување на изборите.
„Јас се држам до Уставот и не можам да се водам од нечии индивидуални размислувања. Теоретски, рокот од 60 дена за одржување вонредни избори би можел да значи и распуштање на парламентот пет дена пред одржување на изборите. И мене лично ми одговара парламентот да се распушти подоцна, затоа што тоа би значело и продолжување на мојот мандат. Но сите знаеме дека е невозможно за пет дена да се спроведат изборните дејствија. Решението за распишување на изборите потоа значи обврска за други институции, на кои е недозволиво да им наметнуваме нереални рокови за спроведување на активностите поврзани со изборите“,
вели Џафери за „360 степени“.