Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во соопштение до јавноста апелираше граѓаните да не излегуваат од дома без потреба и ги повика јавните институции и верските заедници во рамки на своите надлежности да се вклучат во борбата со коронавирусот.
„Сите јавни институции и верските заедници, координирано и навремено да делуваат во рамки на својата надлежност. Верувајте, ништо не е толку делотворно колку редуцирањето на движењето. Најдлабоко замолувам, не излегувајте без потреба, останете дома“,
порача Петровска.
Петровска денеска имала состанок со првите луѓе на СВР Битола, претставници на јавните претпријатија, Советот за превенција и со претставници на верските заедници со цел да се воспостави координација за превенција од ширењето на коронавирусот согласно владините препораки.
Информираат дека на терен ЈП „Комуналец“ врши дезинфекција на улиците, а денеска дезинфициран беше и Широк Сокак.