Детето на Детската клиника било донесено од штипската Клиничка болница, каде било примено на 14 јануари, и по направените биохемиски иследувања и КТ на глава, поради тешката состојба, со медицинска придружба било пратено во Скопје

Деветгодишно дете од Свети Николе починало пред два дена на Детската клиника во Скопје, потврдуваат оттаму за „360 степени“.
Според директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, детето било донесено во нивната установа во тешка здравствена состојба со срцев застој и лоши витални параметри.
„Случајот е од пред два дена. Детето е од Свети Николе, а во Скопје е донесено во тешка состојба со течна столица со крвавење. Направени се испитувања и кај детето се покажале повеќе ниски параметри. За два часа откако е донесено тоа почина“,
вели Мемеди.
Тој додава дека родителите на детето биле свесни за состојбата и одбивале да биде направена обдукција.
Детето на Детската клиника било донесено од штипската Клиничка болница, од каде претходно излегоа со соопштение за случајот.
Како што се наведува во соопштението, детето било донесено на Одделот за детски болести во штипската Клиничка болница на 14 јануари во 18 часот, во „тешка општа состојба со засегната свест“.
Веднаш биле направени биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба, со медицинска придружба во 19 часот, истиот ден, детето било транспортирано до Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
За неколку месеци ова е петто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со седуммесечно бебе кое почина на Детската клиника на 16 декември, а за кое министерот за здравство Арбен Таравари рече дека во извештајот што го добил од направениот надзор не е утврдено дека имало лекарска грешка.
Таравари тогаш рече оти е среќа тоа што професионалците констатирале дека докторите немаат никаква грешка.
За случаите на Детската клиника од опозициската СДСМ бараа оставка од министерот Таравари и од директорот Мемеди.
Според СДСМ, состојбите во здравството се влошуваат од ден во ден и затоа бараат одговорност за она што се случува.
Пред овој случај, на Детската клиника почина петгодишното девојче, за кое од Клиника на нивниот фејсбук-профил рекоа дека тимот на доктори максимално се трудел околу состојбата на детето и постапувал со највисок професионализам, но за жал немало успех.
Пред овој случај на Клиниката почина и 14 месечно бебе, а двајца доктори специјалисти од Детската клиника времено беа отстранети од работа од установата додека за нив се води дисциплинска постапка согласно членот 192 од Законот за здравствена заштита.