Највозрасниот милионер, пак, има 97 години и лани остварил доход во износ од 1,2 милион денари врз основа на пензија и доход од извршена работа
Со остварен доход од еден милион евра, 24-годишник е најмладиот милионер во земјава во странска валута. Најмладиот милионер во денари, пак, е деветгодишник со остварени нешто над еден милион денари. Ова, меѓу другото, го покажуваат податоците од даночните пријави во Управата за јавни приходи (УЈП) за календарската 2022 година.
„Најмладиот милионер во денари има девет години со остварени нешто над еден милион денари од закупнина додека највозрасниот има 97 години и лани остварил доход во износ од 1,2 милион денари врз основа на пензија и доход од извршена работа“,
рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција.

Највисока годишна бруто-плата во 2022 година, како што информира Лукаревска, е исплатена на граѓанин од Скопје во дејноста трговија со големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари
Доход од 280,6 милиони денари на годишно ниво, пак, е највисокото лично примање врз основа на извршена работа, а го пријавил, исто така, граѓанин од Скопје. На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 61,9 милиони денари.
Во топ 10 рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на амбалажи од хартија. Највисокиот доход од продажба на земјоделски производи е во износ од 18,9 милиони денари, а ја остварил жител на Скопје.
Лани највисоката капитална добивка изнесувала 173,4 милиони денари, а е остварена и пријавена од скопјанец кој продал удел во трговско друштво со дејност за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма.
Највисоката исплатена дивиденда е во износ од 229,6 милиони денари на граѓанин на Скопје, кој се јавува како сопственик на удел во компанија чија дејност е болници.