„Од извршените контроли, досега немаме констатирано некои недостатоци. Одговорните лица во градинките ги контролираат и ги ажурираат податоците за секое дете. Се почитува мерката. Засега задоволни сме како се спроведуваат вонредните надзори“, рече директорката Рената Младеновска
Изминатата недела Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) извршил околу стотина вонредни инспекциски надзори во детските градинки низ државата во согласност со одлуката на Министерството за здравство, а со цел да се провери дали се примаат целосно или делумно вакцинирани деца од ди-те-пер вакцината против голема кашлица.
Директорката на оваа установа, Рената Младеновска, вели градинките го почитуваат решението кое им е издадено и досега не забележале неправилности во нивното работење.

„Детските градинки, без разлика дали се државни или приватни, соработуваат со нас. Го почитуваат решението што им е издадено. Тоа е објавено на нивните установи, со цел да се запознаат и родителите. Од извршените контроли досега немаме констатирано некои недостатоци. Одговорните лица во градинките ги контролираат и ажурираат податоците за секое дете. Се почитува мерката. Засега задоволни сме како се спроведуваат вонредните надзори“,
вели таа.
Според неа, во текот на вчерашниот ден Комисијата за заразни болести донела дообјаснување на постоечката одлука, го добиле записникот од КЗБ, а како што рече, се договориле денеска да им биде доставена новата одлука.
„Од понеделник да почнат да се примаат деца кои ја имаат комплетирано вакцинацијата од трите дози на ди-те-пер“,
рече Младеновска.
На новинарско прашање кој дозволил изминатиот период да се примаат и да се провлекуваат деца кои не се вакцинирани, таа рече дека надлежност на ДСЗИ е да ги повикаат родителите на порамнување или казнување, ако родителот не се согласи да го вакцинира своето дете.
„Се повеќе ни стигаат списоци каде има деца кои не примиле досега ниту една доза на вакцините. Тоа е во наша надлежност. Ги контролираме тие списоци. Ќе излеземе од оваа ситуација. Оваа недела имаме добра соработка со градинките. Трпение и за родителите, зашто не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21 век“,
рече директорката на ДСЗИ.
Во однос на високиот број на вакцинирани деца кои живеат во внатрешноста на државата од 95 отсто, а дека во скопските градинки само 50 отсто од децата се вакцинирани, Младеновска рече дека во внатрешноста децата се редовно вакцинирани и родителите се поодговорни, односно редовно ги носат децата на вакцинација и ги почитуваат вакциналните термин.
„Очигледно дека проблемот во градот Скопје. Се надевам дека овие епидемии ќе не освестат“,
вели таа.
Дали поригорозно било во иднина примањето на вакцината за пертусис (голема кашлица) и за МРП вакцината (за мали сипаници), Младеновска рече дека согласно насоките на Комисијата за заразни болести и одлуките на Министерството за здравство, во таа насока ќе постапува и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Заклучокот до вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести, на кој требаше да се даде прецизно објаснување на одлуката на Министерството за здравство е дека децата кои имаат примено три дози од вакцината ди-те-пер за голема кашлица ќе можат да посетуваат градинка, а условот е четвртата доза од вакцината да ја примат најрано после шест месеци од примањето на третата доза.
„Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат во градинка со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза“,
рече Петличковски.
Според него, состојбата со голема кашлица во земјата не е добра и не е стабилна, а до вели дека е дојдено, заради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани. Податокот од 50 отсто вакцинирани деца по градинките, рече дека е поразителен за државата.
Сега во Скопје, како што рече Петличковски, има над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 во државата.
Очекувањата, вели Петличковски, се дека тој број ќе расте и најави дека е можно во следните недели да излезат со построги епидемиолошки мерки, но сето тоа зависи од развојот на ситуацијата.