Момчето што управувало со автомобилот се здобило со тешки телесни повреди од кои подоцна починало во болница. Повреден, исто така, е и малолетниот сопатник во автомобилот. Во несреќата учествувал и автобус на ЈСП „Скопје“, како и уште еден автомобил, а возачот избегал од местото на несреќата
Седумнаесетгодишно момче загина во тешка сообраќајна несреќа во која, покрај автомобилот што го управувало, учествувале и автобус на ЈСП „Скопје“ и уште еден автомобил.
Според МВР, несреќата се случила вчера околу 9:30 часот на крстосницата на патот Шуто Оризари – Горно Оризари со сервисна улица која го поврзува патот со улица „Александар Урдаревски“.
МВР информира дека момчето, кое е од скопското село Блаце, управувало со автомобил „форд галакси“ со скопски таблички, а во него било уште едно малолетно лице кое е повредено. Автобусот на ЈСП го управувал Г.М. (51) од Скопје, а возачот на третото возило, „фолксваген голф“, по несреќата го напуштил местото.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на возилото ‘форд галакси’ и неговиот малолетен сопатник од Блаце, констатирани во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ – Скопје, каде што подоцна возачот починал. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје“,
соопшти полицијата.