Во справувањето со недостигот на работна сила, странските работници се појавуваат како брзо решение за ублажување на моменталните притисоци, смета Деспотовски, но, според него, од клучно значење е при ангажирање странска работна сила да се земат предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, смета дека е потребен рационален и храбар пристап во справувањето со недостигот на работна сила на Западен Балкан.
Според Деспотовски, потребно е преструктурирање на економијата, инвестирање во технологија и индустрии кои носат поголема додадена вредност и подобро платени работни места.
„Треба прво да видиме што може да се направи во регионот со постоечките ресурси, а не да одиме во потрага по работна сила“,
рекол Деспотовски на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта, а на кој говорел на панелот посветен на справувањето со недостаток на работна сила во Централна и Југоисточна Европа.
Деспотовски вели дека за решавање на ова актуелно прашање многу е важно работите да се гледаат и анализираат преку квантитативен и структурен пристап за да се изнајдат ефективни решенија.
„Разликата во продуктивноста меѓу земјите во регионот, што е потврдено и преку статистиките за продуктивност и удел во БДП по глава на жител, отвора критични прашања во врска со ефикасноста на работната сила и секторската дистрибуција. Споредбата на продуктивноста на Словенија со Македонија, Србија и Албанија открива остри контрасти. И покрај сличните големини на населението, Словенија покажува значително повисоки нивоа на продуктивност. Овде се поставува прашањето зошто ист број луѓе во Словенија произведуваат пет пати повеќе отколку во Македонија или зошто истото производство во Србија се генерира со 3,5 пати повеќе луѓе отколку во Словенија?“,
посочил Деспотовски, информираат од ТИРЗ.
Според него, со оптимизација на сектори и трансфер на работници може да се случи потребната промена, како на пример, со трансфер на работници од земјоделство, традиционалните ниско платени производствени дејности, како и од јавната администрација во сектори потребни на пазарот на работна сила.
Во справувањето со недостигот на работна сила, странските работници се појавуваат како брзо решение за ублажување на моменталните притисоци, смета Деспотовски, но, според него од клучно значење е при ангажирање странска работна сила да се земат предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини.
„Концептот за слободно движење на работната сила во Македонија, Србија и Албанија во рамки на Отворен Балкан има добар потенцијал да ги раздвижи пазарите на работна сила и да поттикне економски раст. Дозволувајќи поголема синергија меѓу овие земји, можеме да ја забрзаме нивната заедничка развојна линија и да го затвориме јазот којшто го имаме во однос на понапредните економии. Со поттикнување на редефинирање на секторите, разумно прифаќање на странската работна сила и користење на регионалната соработка, можеме да го отвориме патот за одржлив економски раст и просперитет низ Западен Балкан“,
посочил Деспотовски.
Според информациите од ТИРЗ, на панелот учествуваат претставници на германската Бизнис асоцијација за Југоисточна Европа, виенскиот Институт за економски студии, како и професори од Економскиот факултет во Белград и унгарската Фондација за економски истражувања.
Над 100 експерти, политичари и претставници на невладини организации учествуваат на Балкански форум во Будимпешта 2024, во организација на Унгарскиот институт за надворешни работи. Дводневниот форум годинава се фокусира на енергетиката, економијата и на евроинтеграцијата на Западен Балкан. Балканскиот форум се одржува осма година по ред.