Пријавени се испукани ѕидови и фасади, пукнатини по скали, паднати тавани, исклучена електрична и водоводна инсталација…
До Регионалниот центар за управување со кризи во Битола до утрово стигнале десетина пријави за материјални штети по синоќешниот земјотрес со јачина од 5,6 степени.
Оттаму за „360 степени“ информираат дека до 10 часот на бројот за итни повици 195 имало околу 100 повици од граѓани кои барале информации за настанатиот земјотрес, а десетина граѓани пријавиле материјални штети во нивните домови.
Сите пријави се за материјални штети на објекти во градот и околните битолски села.
Граѓаните пријавиле штети како испукани ѕидови и фасади, пукнатини по скали, паднати тавани, исклучена електрична и водоводна инсталација…
Во меѓувреме, од Општина Битола информираа дека е закажан состанок на општинскиот кризен штаб во проширен состав.
На состанокот главниот акцент ќе биде ставен на две точки – состојбата во Битола по вчерашните земјотреси и состојбата со ковид-19.
Претходно, градоначалникот Тони Коњановски најави и дека пред општинскиот совет ќе предложи формирање комисија за надомест на штетите.