Во текот на вчерашниот ден имало 37 пожари на отворен простор, а денеска до 16 часот имало 23, од кои пет се изгаснати, осум се под контрола, а десет се активни
Ниту на средината на август бројот на пожарите во земјава не се намалуваат. Високите температури кои и понатаму се секојдневие во Македонија придонесуваат секој ден да се појавуваат нови жаришта, а според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, согласно неговото досегашно искуство, се очекуваат и нови пожари. Тој апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар, веднаш да го пријават.
„За жал, очекувам во следните неколку часови да се појават нови пожари на отворен простор, бидејќи тоа ни го покажува досегашното искуство“,
кажа Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден имало 37 пожари на отворен простор, додека, пак, денеска до 16 часот, имало 23, од кои пет се изгаснати, осум се ставени под контрола, а десет се активни. Најтешкиот е оној во близина на ловиштето „Јасен“ кој гори речиси дваесет и пет дена.
„Кракот што навлегува во ловиштето ‘Јасен’ е ставен под целосна контрола, додека, врз вториот крак, што се движи во насока на село Белице и ресторанот Белице, утрово дејствувавме со еден словенечки хеликоптер, а од копно делуваме со 15 припадници на полицијата, како и 15 припадници на македонската армија. Воедно, на нив им помагаат тројца пожарникари и четири лица од Националниот парк. За жал, на некои места гори квалитетна борова шума“,
кажа Ангелов.
Кај вториот по тежина пожар во земјава, во Пехчево, се интервенира со пет „ертрактори“, како и 15 припадници на армијата, десет припадници на полицијата, десет вработени во ДЗС и 32 вработени во „Национални шуми“.
Во однос на пожарот на Галичица, кој, исто така, трае неколку дена, Ангелов рече дека бил ставен под контрола, но пак се разбудил.
„Овој пожар главно се простира од двете страни на Галичица. Еден крак од охридската, а друг од преспанската страна. Во моментот на охридска страна во гаснењето учествуваат над 25 вработени во националниот парк ‘Галичица’, но и доброволци од спасителната служба од Охрид, вработени во ДЗС, како и граѓани доброволци, додека од ресенска страна во гаснењето учествуваат десетина лица. На охридската страна пожарот се простира во главно во два фронта или два крака – еден северен којшто води кон букова шума односно кон планинарската куќарка наречена Спиридон, на којшто во моментов работат на расчистување повеќе лица за да не му биде дозволено да влезе во буковата шума“,
изјави директорот на ЦУК.
Активни се пожарите и во Општина Новаци, околу селата Полог, Тегавци, Гнилеш и Пралово, Општина Кичево кај селата Пласница и Латово, како и во Кочани, Маврово и Ростуше кај село Врбен, каде што се гаси со еден словенечки и еден полициски хеликоптер, и во Општина Прилеп кај селото Смолари.