Емитувањето на едночасовниот разговор на Твитер, кој требаше да биде формално започнување на кампањата на Десантис, остана без звук долго време и илјадници корисници или не можеа да се приклучат или беа блокирани
Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, имаше хаотичен почеток на неговата претседателска трка во 2024 година, кога се појавија проблеми на вчерашниот онлајн форум организиран од сопственикот на Твитер, Илон Маск, а кој требаше да го претстави Десантис како способен претседателски кандидат.
Емитувањето на едночасовниот разговор на Твитер, кој требаше да биде формално започнување на кампањата на Десантис, остана без звук долго време и илјадници корисници или не можеа да се приклучат или беа блокирани. Тоа беше несреќен почеток на кампањата изградена врз имиџот на гувернерот како способен политичар.
„Треба да ставиме крај на културата на губење што ја зарази Републиканската партија во последниве години“,
рече Десантис на средбата со Маск откако проблемите беа главно решени.
По ова, на Твитер стана популарен хаштагот #DeSaster (катастрофа).
Тој не го спомна Трамп
Влегувањето на Десантис во републиканската трка значи и пресметка со неговиот поранешен сојузник, бившиот претседател Доналд Трамп кој загуби на претседателските избори во 2020 година од демократот Џо Бајден. Гувернерот на Флорида се претстави како ефективен политичар кој се спротивставил на федералната влада поради нејзината политика на ковид и остави неизбришлив конзервативен печат на неговата држава.
Во Флорида, тој се залагаше за забрана за учење на концепти како што се родов идентитет и системски расизам со цел да се заштитат малите деца и како контра на прогресивната идеологија. Со растечки национален профил и очекувани големи финансиски средства, Десантис (44) веднаш стана најголемиот ривал на Трамп за републиканската номинација.
„Владата не се занимава со забава или градење бренд“,
рече Десантис, суптилно критикувајќи го Трамп.
Имено, тој ниту еднаш не го спомна Трамп за време на настанот.
Трамп (76) не се воздржа да го исмее Десантис на неговата страница на социјалната мрежа „Truth Social“, поради хаотичниот почеток на неговата кампања.
Трамп има предност во анкетите
„Моето црвено копче е поголемо, подобро, посилно и работи (ВИСТИНА!). Твоето не“,
објави Трамп.
Маск призна дека има „технички проблеми поради огромната големина“ на настанот, но додаде дека е „навистина одлично луѓето да можат директно да ги слушнат претседателските кандидати.“ Во еден момент, настанот привлече повеќе од 600 000 слушатели на Твитер. Од нив до крајот останаа нешто помалку од 300 000.
Портпаролот на кампањата на Десантис, Брајан Грифин, на Твитер изјави дека ентузијазмот за Десантис „буквално го скрши интернетот“. Кампањата собра еден милион долари за еден час, додаде Грифин.
Анкетите покажуваат дека Трамп го води гувернерот на Флорида, кој долго време се смета за републиканска ѕвезда во подем и предвесник на новата генерација партиски лидери. Трамп, кој ја објави својата кандидатура во ноември, исто така има предност во организирање на својата кампања во клучните држави со предвремено гласање.
Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW