Претседателските избори во Авганистан се одржаа на 28 септември 2019 г., а конечните официјални резултати беа објавени речиси пет месеци подоцна – на 18 февруари 2020 г. Причина за огромното доцнење се конфликтните податоци за бројот на оние што гласале, бројот на валидни гласови, бројот на гласови што се поништени во услови кога системот за биометриска регистрација, идентификација и гласање е произведен и контролиран од „Дермалог“
При повторената јавна набавка беше направена суштинска измена, која сега се покажува клучна за изборот на „Дермалог“. Во првичните услови се бараше „најмалку еден успешно реализиран договор за испорака на системи за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток на прст во процес за гласање на ниво на држава во Европа или земји членки на НАТО во последните пет години“. По реакции од други компании дека овој услов ја ограничува можноста за конкуренција на тендерот, тој се сведе на едно учество на избори каде било во светот
Германската фирма „Дермалог“, избрана на тендерот на Државната изборна комисија за набавка на систем за биометриска идентификација на гласачите, има проблематична референца од претседателските избори во Авганистан во 2019 година. Но, не само што е проблематично, тоа е и единствено изборно искуство на „Дермалог“ досега, иако станува збор за најголемата германска компанија во областа на биометриска идентификација. Случајно или не, „Дермалог“ на својата интернет-страница се рекламира како произведувач на биометриски гласачки системи, но никаде не го споменува својот ангажман во Авганистан.
Претседателските избори во Авганистан се одржаа на 28 септември 2019 година, а конечните официјални резултати беа објавени речиси пет месеци подоцна – на 18 февруари 2020 година. Причината за огромното доцнење, според истражувањето што го направи „360 степени“ од јавно достапните информации, се конфликтните податоци за бројот на оние што гласале, бројот на валидни гласови, бројот на гласови што се поништени… А, системот за биометриска регистрација, идентификација и гласање е произведен и контролиран од „Дермалог“.

Најголемата дискрепанција е во првично соопштениот број за излезност – околу 2,7 милиони гласачи, кој подоцна е намален на околу 1,85 милиони што е разлика од околу 850 000 гласови или 30 % од првично соопштениот одѕив. Серија несовпаѓања има и околу бројот на оние што гласале повеќепати, па нивниот глас е поништен и за бројот на оние чиј глас е прогласен за неважечки поради други проблеми.
Кога на 18 февруари 2020 година Независната изборна комисија го прогласува Ашраф Гани за победник на претседателските избори во Авганистан, неговиот противкандидат Абдула Абдула ги отфрла резултатите и најавува формирање паралелна влада. Под меѓународен притисок, во мај 2020 година двајцата ривали постигнуваат политички договор, според кој Гани ќе остане претседател, а Абдула ќе ги води мировните преговори со Талибанците.
„Дермалог“ избрана во конкурентна постапка без конкуренција

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, на вчерашната прес-конференција рече дека во постапката за јавна набавка била избрана најдобрата понуда.
„Вчера (16 јули 2021 г., н.з.) беше избрана компанија која ќе ја обезбеди техничката опрема за спроведување на изборите со отпечаток на прст. На 1 јули заврши постапката по јавната набавка за биометриска индентификација на гласачите со отпечатоци од прст и се пријавија четири компании. Евалуацијата на компаниите заврши вчера и по завршување на постапката Комисијата за јавни набавки ми предложи една компанија за која донесов одлука да биде избрана. Таа одлука е ставена на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки. ‘Дермалог’ од Германија, таа компанија е избрана со евалуација, ги исполнила условите, била најдобра, имала најдобра понуда, најдобар апарат, затоа предлогот го прифатив како веродостоен“,
изјави Даштевски.
„360 степени“ вчера објави дека договорот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од следните избори да се гласа со отпечаток од прст ќе чини 11,2 милиони евра (688 милиони денари). Толку пари, според нашите сознанија, изнесува понудата на „Дермалог“.
Дознаваме и дека крајната цена е иста со цената од понудата, бидејќи иако со јавната набавка беше предвидена аукција, таа не се одржала. Причината е што иако имаше четири пријавени компании, само „Дермалог“, според оценките на комисијата за јавни набавки во ДИК, ги исполила сите услови, па не останал никој друг за да се натпреварува во негативно наддавање со кое потенцијално би се спуштила цената. Понудата на „Дермалог“, сепак, била најниска во споредба со останатите и е во рамките на планираната вредност на опремата – 11,7 милиони евра (720 милиони денари).
Како се менуваа комисиите и условите за тендерот
На 21 мај годинава Државната изборна комисија го објави првиот тендер за набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите. Неполни две недели подоцна, Бирото за јавни набавки го поништи. Официјалната причина беше тоа што во тендерот се барало „електронска идентификација на лица“ наместо „биометриска идентификација на гласачи“.
„360 степени“ во јуни објави дека дел од членовите на претходната комисија за јавни набавки, формирана од претседателот Александар Даштевски, си поднеле оставки поради притисоци, односно фаворизирање на една компанија. Актуелниот претседател на комисијата која ја спроведува набавката, инаку и самиот член на ДИК, Оливер Ристовски, тогаш ја потврди, но ја ублажи таа информација.

„Оставки имаше две, од двајца од членовите на комисијата, но тие беа беспредметни, бидејќи веќе истиот ден, веќе беше донесена одлуката за промена на составот на Комисијата. Они можеле да напишат што било во оставките, колку што јас знам едната оставка е од здравствени причини, не е од притисоци, а во втората оставка се спомнуваат и такви работи. Јас не можам да ви кажам најодговорно дека од наша страна, барем од моја страна, притисок никаков немало“,
ни изјави Ристовски во јуни.
При повторената јавна набавка беше направена уште една суштинска измена, која сега се покажува клучна за изборот на „Дермалог“. Во првичните услови за учество на тендерот се бараше „најмалку еден успешно реализиран договор за испорака на системи за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток на прст во процес за гласање на ниво на држава во Европа или земји членки на НАТО во последните пет години“. Но, по реакции од други компании дека овој услов ја ограничува можноста за конкуренција на тендерот, тој беше преиначен.
„Сега го тргнавме тој услов, доволно е да ни приложат доказ дека учествувале во процес на гласање во која било земја во светот. Го отворивме опсегот, претпоставувам дека меѓу нив има многу од тие оператори што учествувале на гласање, на земји кои се, на пример, во Африка или азиски земји, но не се земји членки на НАТО или не се ЕУ земји. Помал е изборот на ЕУ земји кои го имаат овој начин на гласање, го има да се разбереме не дека го нема, но поретко од другите земји. Затоа, го отворивме овој услов и им дадовме можност на сите да учествуваат“,
рече Оливер Ристовски, претседател на Комисијата за јавни набавки во ДИК, во јуни.
По изборот на „Дермалог“ во тек е жалбена постапка. Самата таа може да го предодреди епилогот на набавката, со оглед на кратките рокови до локалните избори во втората половина на октомври. Ако се развлече, тоа може да значи дека изборите би се одржале без биометриска идентификација на гласачите. Или, пак, дека изборите би се одложиле.
Преземањето на базата на отпечатоци од МВР, нејзино распоредување по гласачки места, функционалноста на уредите за биометриска идентификација (на „Дермалог“), обуката на членовите на избирачките одбори за нивно користење, довербата дека тоа функционира како што треба – се теми со кои допрва ќе се занимаваме. Секако,, и проблематичната рефернца на „Дермалог“ од изборите во Авганистан.