Засега не се открива каква распределба на ресорите во Владата договориле СДСМ и ДУИ
Талат Џафери и во овој мандат ќе раководи со Собранието, дознава „360 степени“
На денешната лидерска средба на претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети се очекува конечен договор за формирање владина коалиција.
Ова вчера, во две одделни соопштенија, објавени речиси истовремено го најавија од СДСМ и ДУИ, во кои се истакнува дека е постигнат е сериозен договор меѓу двете партии во преговорите за формирање влада.
„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада“,
соопштија вчера од СДСМ.
Ако денеска се постигне конечен договор, мандатарот Зоран Заев до крајот на неделата би ги доставил до парламентот предлог-составот на новата влада и програмата за нејзина работа.
Сигнал за тоа дека преговорите меѓу коалицијата „Можеме“ и ДУИ се во завршна фаза е и информацијата дека СДСМ за в среда закажале седници на Извршниот и на Централниот одбор, кои треба да го одобрат политичкиот договор за парламентарно мнозинство и владина коалиција со ДУИ.
За утре исто така се планира продолжението на конститутивната седница на чиј дневен ред е и избор на претседател на Собранието, а според сознанијата на „360 степени“, Талат Џафери и во овој мандат ќе раководи со Собранието.
Џафери вчера изјави дека ќе закаже продолжение на конститутивната седница штом добие потврда дека партиите ги решиле двете останати прашања – избор на претседател на законодавниот дом и комисија за избори и именувања. Рече дека не е и нема намера да биде причина за блокирање на институцијата и оти ги следи процедурите.
Во однос на можноста за ротирачки премиер или ротирачки собраниски спикер, Џафери рече дека тоа е пакет на политички договор меѓу партиите кои прават мнозинство и во таа насока, како што рече, не се раководи од личните статусни прашања.
„Работата е политичка. Затоа се доделува мандат за состав на Влада и програма за работа на владата која се поднесува до Собранието. Ако во тие 20 дена преговори за состав на влада го имаат соодветното парламентарно мнозинство, во рок од 15 дена од приемот на предлог составот и програмата на Владата, Собранието треба да одржи седница и да избере влада. Доколку е политичкиот договор таков, тоа е неспорно“,
нагласи Талат Џафери.