Причина за затворањето на улиците е одбележувањето на верскиот празник Богојавление-Водици

Во дел од центарот на Скопје денеска ќе има затворени улици и посебен сообраќаен режим, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Освен во центарот на градот, затворени за сообраќај ќе бидат и неколку улици во општините Ѓорче Петров и Кисела Вода.
Причина за затворањето на улиците е одбележувањето на верскиот празник Богојавление-Водици.
Секторот за внатрешни работи Скопје соопшти дека во центарот на градот за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со улицата „11 Октомври“ и тоа во двете насоки.
Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14 Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“.
Затворена за сообраќај ќе биде и улицата од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.