Позитивниот тест на ковид-19 на пратеник на Движењето за права и слободи го вклучи алармот во законодавната власт во Софија
Претседателката на бугарскиот парламент Цвета Карајнчева синоќа соопшти дека еден пратеник е позитивен на новиот коронавирус, поради што денеска ќе бидат тестирани сите членови на законодавната власт во земјата.
Станува збор за пратеникот од Движењето за права и слободи (ДПС), Хасан Адемов.
Карајанчева објасни дека сите пратеници ќе треба да бидат тестирани. Направена е организација и во текот на денешниот ден ќе бидат подложни на тестирања во две здравствени установи во Софија. Останатите службеници во Народното собрание ќе бидат тестирани в четврток.

Таа истакна дека дури откако ќе бидат познати резултатите од тестирањето, а тоа е за максимум 48 часа, ќе биде одлучено дали ќе се затвори парламентот и за администрацијата и како да се продолжи со вонредниот состанок за ребаланс на буџетот, закажан за в четврток, на 2 април.
Комисиите за буџет и за енергетика нема да заседаваат денеска.