Годинава имаше вкупно 343 тајни номинации, па така петчлениот Нобелов комитет би можел да ги изненади експертите и да одлучи нешто сосема друго
Името на добитникот на овогодинешната Нобелова награда за мир ќе биде објавено денеска, а познавачите сметаат дека Нобеловиот комитет со својот избор би можел да испрати предупредување за војната во Украина или климатските промени.
Експертите се поделени околу можниот добитник.
Едната страна смета дека овогодинешниот избор на лауреат ќе изрази критика за руската инвазија на Украина. Другата, пак, верува дека ќе ја нагласи итната потреба за борба против глобалното затоплување.
Годинава имаше вкупно 343 тајни номинации, па така петчлениот Нобелов комитет би можел да ги изненади експертите и да одлучи нешто сосема друго.
Хенрик Урдал, директор на Институтот за мировни истражувања во Осло (ПРИО), рече дека белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановска и затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, заслужуваат да бидат заедно почестени.
„И двајцата се шампиони на ненасилни продемократски активности во нивните земји. И Навални и Тихановска се исто така силни противници на војната во Украина“,
рече тој.
Одборот, исто така, би можел да испрати порака за осуда на војната во Украина и да додели Нобелова награда на оние што ги документираат воените злосторства во Украина.
Зеленски е фаворит
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, симбол на украинскиот отпор, е еден од фаворитите за добитник на Нобеловата награда за мир според обложувачниците.
Според Урдал, Одборот веројатно ќе биде многу внимателен во врска со доделувањето на наградата на претседател во војна.
„Без разлика дали Украина е нападната, секогаш ќе има злосторства, дури и на украинската страна“,
рече Урдал.
Други познавачи велат дека борбата против климатските промени би можела да вреди Нобел по уште една година обележана со екстремни временски услови, вклучувајќи рекорден топлотен бран во Европа и катастрофални поплави во Пакистан.
„Со доделувањето на наградата за борба против климатските промени, Нобеловиот комитет ќе има единствена можност да пренесе дека повеќекратните кризи со кои се соочува светот мора да се решат заедно“,
рече Ода Андерсен Ниборг, шеф на Норвешкиот совет за мир.
Меѓу имињата спомнати како можни добитници на наградата за клима се шведската активистка Грета Тунберг и/или нејзиното движење „Петоци за иднината“, потоа неуморниот британски натуралист Дејвид Атенборо и други активисти.
Меѓу другите потенцијални лауреати се генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCC) и министерот за надворешни работи Симон Кофе од Тувалу, чија земја е загрозена од зголемувањето на нивото на морето.
Доколку одборот ја признае работата во други области, наградата може да ја добијат активисти за човекови права од Кина, Авганистан и Иран, како и „Транспаренси интернешнл“ или Меѓународниот суд на правдата.
Според Свер Логард, истражувач во Норвешкиот институт за меѓународни односи (НУПИ), одборот може да одлучи воопшто да не ја додели наградата оваа година. Последен пат тоа се случило пред 50 години.
„Никој не може да тврди дека постигнал нешто големо во областа на мирот, конфликтите се чини дека се бескрајни, а договорите се чини дека постојат за да се прекршуваат“,
рече тој за АФП.
Минатата година Нобеловата награда за мир им беше доделена на борците за слобода на медиумите – Марија Реса од Филипини, на чиј портал му се заканува затворање и Русинот Дмитри Муратов, кому му беше одземена лиценцата на весникот.