Ако денеска не добијат плата, возачите и мајсторите во ЈСП утре наутро со своите семејства во 4:30 наместо на работа, ќе излезат на протест за да го изразат револтот од, како што велат, политичките збиднувања
За тоа кој го организира протестот пред влада што го најавија од Град Скопје со обвинувања дека централната власт должи на ЈСП пари за ученички превоз, од синдикатот на возачите велат дека не знаат и тие сигурно нема да се појават на тој протест
Денеска автобусите на ЈСП во Скопје ќе сообраќаат, но за утре не се знае, најавија синдикалните организации во ова градско јавно претпријатие. Денеска тие ќе чекаат на сметките да им легне платата за септември, а ако тоа не се случи утре наутро во 4:30 часот со своите семејства ќе излезат на протест пред ЈСП и автобусите нема да сообраќаат.
„На денешната средба со трите репрезентативни синдикати се договоривме да настапуваме вака: Денеска влегуваме во Советот на Град Скопје на вонредната седница закажана за 14 часот, но тоа е премногу доцна за да некој одлучи дали ние ќе добие денеска плата. Ако денеска не добиеме плата утре во 4:30 сме тука заедно со нашите семејства. Тоа значи дека автобусите нема да излезат“,
рече Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски.
Сите сме гладни и не можеме да ги извршуваме своите обврски, додаде тој, порачувајќи дека ако нема плата со утрешниот протест ќе го изразат револтот од политичките збиднувања и прекупувања меѓу партиите.
Во иднина, како што рече Стојановски, ако до 15 во месецот, како што предвидува законскиот рок, не им се исплаќа пата, веќе од наредниот ден ниту еден автобус нема да сообраќа низ улиците.
„Се надевам дека денеска ќе седнат, ќе се договорат и дека во понатамошниот период – зборувам за време на инфлација и рецесија, дека вработените во ЈСП нема да се собираат за да разговараат за плата. Можеме да зборуваме за други работи, за права од работен однос, меѓутоа за плата разговори повеќе нема. Законскиот рок за плата е 15 во месецот, помине ли 15 во месецот автобус на ЈСП нема да излезе на линија“,
рече Стојановски.
Истото го потврди и претседателот на Независниот синдикат на возачи, Африм Муча.
„Утре се договоривме со семејства во 4:30 да дојдеме. Градоначалничката односно Градот Скопје зедоа плата, тие се со полни стомаци, ние не сме. Денеска е 19. Кога ќе добиеме плата, кога ќе јадеме ние? И ние имаме деца како што и таа и директорот. Тој зема 60, можеби и повеќе илјади денари, ние земаме по 25-30 илјади. Сега пресметајте колку тој може да живее, а колку ние“,
рече Муча.
На прашање дали тоа значи дека денеска ќе има автобуси, тој одговори дека ќе има, но тоа зависи и од тоа како ќе тече проверката на автобусите од страна на полицијата, по дојавата за бомба.
„Денеска ќе има автобуси. Тоа зависи од работата на службените лица што се овде, секое возило се проверува, па се пушта на линија. Ќе си возат денеска. Од утре ќе видиме што ќе се случи. Ние ќе дојдеме со фамилиите тука“,
рече Муча.
За тоа кој го организира протестот пред влада што го најавија од Град Скопје со обвинувања дека централната власт должи на ЈСП пари за ученички превоз, Муча рече дека не знае и тие сигурно нема да се појават на тој протест.
Синдикалните организации во ЈСП добија поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
„Апелирам и до државата и до Градот Скопје, ќе направиме притисок и на вонредната седница на Град Скопје каде јасно ќе кажеме: доколку работниците не добијат плата утре не може да ги извршуваат своите работни задачи бидејќи овие работници возат луѓе – граѓани на Градот Скопје, овие мајстори ги поправаат автобусите и не се нафаќаат на работат затоа што извршителите веќе им се на врат бидејќи не се платени кредитите, децата секој ден и со право ни бараат пари за да може да си купат една ужинка на училиште, додека фрижидерите ни се празни и ние немаме начин како да ги извршиме овие работни задачи бидејќи сме гладни“,
рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
И претседателот на КСС, Благоја Ралповски побара под итно Градот Скопје да седне и да најде решение, да направи калкулации како ќе ја исплати платата не само овој месец туку и за тоа како ќе функционираат и крајот на годината.