Денеска цел на дојави за наводно поставени експлозивни направи беа 21 средно и 11 основни училишта во Скопје, едно основно училиште во Прилеп и Основниот суд во Охрид
Екипите на Министерството за внатрешни работи ги завршиле сите потребни проверки во врска со денешните дојави за бомби во основни и средни училишта во Скопје и во Охрид, како и во Основниот суд во Охрид и утврдиле дека станува збор за лажни закани.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Денеска цел на дојави за наводно поставени експлозивни направи беа 21 средно и 11 основни училишта во Скопје, едно основно училиште во Прилеп и Основниот суд во Охрид.
Минатата недела дојави за наводно поставени бомби имаше неколку дена по ред. Работната недела во петокот заврши со дојави во 16 училишта во Скопје и во едно училиште во Прилеп. По извршените проверки, МВР потврди дека станува збор за лажни дојави.
Претходно Министерството за образование и наука им препорача на училиштата кога ќе добијат закана за бомба да организираат онлајн настава, односно учење на далечина наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден.
За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во своите домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата.
Во дописот што МОН го испратил до основните и средните училишта биле посочени и начини за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.
Во петокот премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека едно од прашањата што треба да ги одговори истрагата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со дојавите за бомби е како и покрај променетите електронски адреси на училиштата, кои се наоѓаат на заштитен сервер на Министерството за образование и наука (МОН), тие веднаш се нашле кај тие што ги испраќаат заканите.