Денешното гласање треба да биде показател за силата и потенцијалните слабости на поранешниот и на актуелниот претседател Доналд Трамп и Џо Бајден, кои се очекува да ги одмерат силите во ноември во обид за уште еден мандат во Белата куќа, пренесува Би-би-си
Денеска во САД е „супервторник“ кој е најважниот ден досега во трката за кандидатури за претседателските избори што ќе се одржат во ноември годинава.
Гласачите во 15 сојузни држави и една американска територија, денеска ќе избираат кандидати за претседател.
Денешното гласање треба да биде показател за силата и потенцијалните слабости на поранешниот и на актуелниот претседател Доналд Трамп и Џо Бајден, кои се очекува да ги одмерат силите во ноември во обид за уште еден мандат во Белата куќа, пренесува Би-би-си.
На денешниот „супервторник“ повеќето сојузни држави гласаат за кандидат за претседателски избори.
Изборите за номинација ќе се одржат во Алабама, Алјаска, Арканзас, Калифорнија, Колорадо, Мејн, Масачусетс, Минесота, Северна Каролина, Оклахома, Тенеси, Тексас, Јута, Вермонт, Вирџинија и американската територија Американска Самоа. Републиканските избори ќе се одржат во сите овие 15 сојузни држави, додека демократите ќе гласаат во истите држави освен во Алјаска. Исто така, ќе бидат познати и резултатите од гласањето за кандидат на Демократската партија во Ајова.
Врз основа на резултатите од секои избори, партиските функционери познати како делегати се доделуваат на победничките кандидати. Потребна е поддршката од одреден број делегати за кандидатите официјално да се номинираат на конвенциите на секоја партија ова лето.
Според Би-би-си, околу една третина од вкупниот број на делегати – 865 републиканци и најмалку 1 420 демократи – ќе се изберат на денеска, на „супервторникот“. Кампањата на Трамп предвидуваше дека тој ќе освои најмалку 773 делегати и ќе ја добие номинацијата уште во март. Тој во моментов има околу 244 делегати, додека неговата републиканска противкандидатка Ники Хејли има 43.
За да се добие републиканската номинација потребни се минимум 1 215 делегати, додека 1 968 се неопходни за демократите.
Првите резултати се очекува да се знаат во 20 часот по источно време во САД, што е два часот по полноќ по средноевропско време.