Актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, си поднел неотповиклива оставка, потврдија за „360 степени“ извори од Владата. Според образложението, функцијата ја напушта од здравствени и семејни причини.
Извори од Владата не можат да потврдат дали неговата оставка ќе се разгледува и ќе биде прифатена уште на денешната владина седница.
Дончев стана директор во август 2017 година. Тој на парламентарните избори во 2016 г. беше носител на листата во првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“ и важи за близок до ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ кога Никола Груевски го презеде раководењето на партијата, но по несогласувањата со него ја напушти партијата и подоцна се приклучи и беше активен во Обединети за Македонија.

Во мандатот на Љубчо Георгиевски, Ден Дончев беше директор и на „Македонски телеком“.
Инаку, во текот на раководењето со Фондот за здравство, опозицијата го споменуваше како активен учесник во аферата која ја нарече „Рекет 2“.
Станува збор за случајот „Диамед“. Според ВМРО-ДПМНЕ и поранешната сопственичка на „Диамед“, Дончев заедно со министерот за здравство Венко Филипче се обидел да ја попречи продажбата на оваа компанија на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.
Ден Дончев ги отфрли овие обвинувања.