Македонија и денеска забележа ден со над 150 нови случаи на ковид-19. Вкупниот број на болни веќе е двојно поголем од врвот на заразата во април, а само во Скопје сега има повеќе активни случаи отколку што тогаш имаше во цела држава.
Додека меѓу експертите се води дебата – дали е ова втор бран или првиот никогаш не завршил, а политичарите полемизираат дали е или не е време за избори, во регионот почнаа трендови кои наликуваат на македонското „сценарио“.
Бројот на болни пак почна да расте во Бугарија, Албанија …
Бидејќи земјите од регионот немаат идентични начини на информирање на јавноста, за споредба на состојбите мора да се користат меѓународните извори на податоци. Па, за да ја споредиме Македонија со земјите од соседството и регионот, ги употребивме податоците на универзитетот Џонс Хопкинс кој ја води една од светски најкредибилните ковид-19 светски мапи.
Последните достапни податоци, во времето на објавување на овој текст, се од вчера. Ако за последен ден се земе вчерашиот а потоа ги групираме податоците по седмици, се добива движењето на трендот на новозаразени на неделно ниво.
Според графиконот подолу, бројот на нови случаи во Македонија далеку го надминува трендот кој беше присутен на средината на април (прикажани како V и VI недела на графиконот).

Ако истата методологија се примени и на околните држави, може да се заклучи дека Македонија не е единствена земја каде повторно има раст на бројот на случаи.
Во Бугарија, на пример, работите се чинеа под контрола до пред една седмица. кога бројот на новозаразени за една недела падна до 108 случаи. Во последните седум дена, здравствените власти избројаа најмногу случаи за седум дена од почетокот на епидемијата во земјата.

Додека за состојбата во Бугарија се уште е рано да се говори дали е тренд, во Албанија веќе е видливо повторувањето кое и се случи и на Македонија. За тоа се свесни и локалните власти, кои веќе најавија враќање на мерките ако бројките продолжат да растат.
Во земјата, веќе петта недела наназад расте бројот на новозарезени на неделно ниво. Минатите седум дена се всушност и најлошите од појавата на првиот случај во земјата.

Па дури и во најразвиената земја во регионот, Грција, има зголемување на бројот на нови случаи иако минимално. И кај јужниот сосед, однесувањето на дел од населението не ветува дека заразата едноставно ќе ја снема.
Сепак, слично како и кај Бугарија, би морало да се почека уште недела до две за да може да се донесе и заклучок – дали е тренд или само случајност.

Многу слични како во Грција се бројките и во соседна Србија.

Расте бројот на болни и во Б и Х, Хрватска и Словенија под контрола
Уште една земја во регионот каде повторно расте бројот на болни од ковид-19 е Босна и Херцеговина. Според податоците на Џонс Хопкинс за оваа држава, последниве три недели има континуирано зголемување на бројот на нови случаи. Сепак, состојбата таму не е ескалирана до таму како во најлошите недели.

За разлика од сите споменати држави, Хрватска и Словенија го немаат овој проблем.

