Демири вели дека сите податоци со кои располагаат ги пријавиле во Јавното обвинителство и очекува тоа да постапи по нив

Откако пред два дена Државната комисија за спречување на корупцијата оцени дека медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија Данил Петровски и директорот на Кардиохирургија Марјан Шокаровски се разрешени од функцијата незаконски, министерот за здравство Илир Демири денеска го изнесе својот став велејќи дека тие се сменети поради пропусти во нивната работа.
Во соопштението од Министерството за здравство, кое е испратено денеска, Демири вели дека поранешниот медицински директор на Клиниката за кардиохирургија е разрешен од позицијата медицински директор поради прекршување на законските нормативни. Во Северна Македонија, вели Демири, оперирале лекари од Србија кои немале соодветна лиценца и ред други прекршоци.
„Сите податоци со кои располагаме ги пријавивме во Јавното обвинителство за да го истражи овој случај“,
се вели во соопштението од Здравство.
Во однос на претходниот медицински директор од Клиниката за токсикологија и еден од лекарите, Демири вели дека се разрешени поради несовесно работење во целиот изминат период.
„Клиниката имала согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, но не постапил. Неколку месеци овие лица оделе на работа, а не земале плата за својот труд. Ангажираните трпеле закани и омаловажувања на национална основа за што истите доставија писмо со изјави за секојдневните навредувања од страна на директорот и од лекарот“,
се додава во соопштението.
И за овој случај Демири вели дека чека Јавното обвинителство да постапи.
На крајот од соопштението Демири се обраќа до Државната комисија за спречување на корупција велејќи: „обврска на министер е безбедноста на пациентите и безбедноста на сите вработени во јавното здравство“.
Државната комисија за спречување на корупцијата на седница во понеделникот ги прифатија како неосновани разрешувањата на медицинскиот директор на Токсикологија и на директорот на државната кардиохирургија најавувајќи дека до надлежните органи ќе покренат иницијатива за одговорност на министерот за здравство Илир Демири.
Според антикорупционерите, за двете разрешувања не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата, односно, како што велат од ДКСК, требало да има предлози за разрешување од управните одбори до здравствените совети на двете клиники.
Клиниката за токсикологија е без медицински директор откако министерот за здравство во техничката влада Илир Демири на 14 мај го разреши д-р Данил Петровски, кој на оваа функцијата беше поставен на 15 декември минатата година.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски на 27 мај беше разрешен од функцијата. Министерот за здравство Илир Демири рече дека за разрешувањето на Шокаровски има две причини. Според податоците што стигнале до него, како што рече, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка Демири вели дека може да ја промени и вредноста на исходот.
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева во понеделникот побарала од стручниот и лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија да дадат предлог за именување медицински директор кој треба да ги исполнува условите согласно законот. Од страна на претставниците на Токсикологија била информирана дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.