Претстојниот самит на НАТО во Вашингтон е во фокусот на јавноста поради потенцијалната средба на македонскиот и грчкиот премиер – Христијан Мицкоски и Киријакос Мицотакис – прва по острите реакции на официјална Атина за употребата на уставното име од страна на државниот врв во земјава
Делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска патува за Соединетите Американски Држави (САД) каде што ќе учествува на самитот на НАТО во Вашингтон по повод 75-години од формирањето на Алијансата.

Информацијата ја објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е дел од делегацијата. Во видеообраќањето на Фејсбук, Муцунски порача оти самитот е одлична моќност за да се демонстрира единството на сите сојузници и заемни заложби за унапредување на трансалантската соработка.
„Во оваа пригода упатувам благодарност до нашите стратешки партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење. Настанот е одлична можност да го демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка. Ние и понатаму продолжуваме да бидеме кредибилен НАТО сојузник, со повеќе од 2 отсто од БДП инвестиции во одбраната, како и со поддршката која ја даваме на Украина“,
рече Муцунски во видеообраќањето.
Самитот на НАТО по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на воената алијанса ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули.
Претстојниот самит на НАТО е во фокусот на јавноста поради потенцијалната средба на македонскиот и грчкиот премиер – Христијан Мицкоски и Киријакос Мицотакис – прва по острите реакции на официјална Атина за употребата на уставното име од страна на државниот врв во земјава.
Мицотакис неодамна го предупреди Мицкоски на „многу непријатна позиција“ на самитот на НАТО во Вашингтон доколку, како што рече, македонскиот премиер инсистира на истата реторика за името. Мицкоски, пак, рече дека се подготвува за предизвикот и додаде дека не само на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, туку секаде – во Атина, Скопје или Брисел е подготвен аргументирано да разговара.