Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши, најавувајќи продолжување на мерката „гарантирана цена“ за прехранбените производи и пијалаците, рече дека замрзнатите цени на дел од основните производи ќе се применуваат додека Собранието не го изгласа предлог-законот за нефер трговски практики кој минатата недела беше усвоен од Владата
Наместо до 31 декември, дел од прехранбените производи, како и безалкохолните пијалаци и пивото ќе се продаваат по замрзнати, „гарантирани цени“ до крајот на јануари 2024 година. Одлуката за продолжување на мерката е донесена на денешната владина седница на барање на Министерството за економија.

Одлуката за продолжување на мерката за ограничување на цените на дел од прехранбените производи, како што се посочува во владиното соопштение, е во интерес на потрошувачите, поради претстојните празници.
Мерката „гарантирана цена“ беше донесена во септември годинава, а важи за повеќе категории на прехранбени производи кои се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние што овие производи ги имале на 1 август оваа година. По пониски цени, меѓу другото, се продаваат белиот и полубел леб и одделни пекарски производи, оризот, брашното тип 400 и тип 500, одредени видови бисквити и наполитанки, тестенините, месото и месните производи, јогуртот и дел од млечните производи и свежите јајца од кокошка.
Покрај прехранбените производи, по ограничени цени до 31 јануари ќе се продаваат и минералната газирана и негазирана вода, одредени видови негазирани и газирани пијалаци, како и пивото.
Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши, најавувајќи продолжување на мерката „гарантирана цена“, рече дека замрзнатите цени на дел од основните производи ќе се применуваат додека Собранието не го изгласа предлог-законот за нефер трговски практики кој минатата недела беше усвоен од Владата.