Денеска во Тирана лидерите на земјите од ЕУ и Западен Балкан усвоија заедничка декларација, со која ја потврдија целосната и недвосмислена посветеност на ЕУ за перспективата на членството на Западен Балкан во Унијата. Во декларацијата се нагласува и повикот за „забрзување на пристапниот процес“, а има и посебен пасус во заедничката декларација кој е посветен на војната во Украина
Дваесет и седум лидери од земјите на Европската унија (ЕУ) и шест нивни колеги од Западен Балкан на крајот од самитот во Тирана денеска усвоија заедничка декларација, со која ја потврдија целосната и недвосмислена посветеност на ЕУ за перспективата на членството на Западен Балкан во Унијата. Во декларацијата се нагласува и повикот за „забрзување на пристапниот процес“. Посебен пасус во заедничката декларација е посветен на војната во Украина.
Според декларацијата, како што информира регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, се нагласува неопходноста сите учесници да споделуваат „заедничка одговорност и заеднички вредности“.
Во овој поглед, од партнерите од регионот се бара да направат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и да дејствуваат соодветно, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ.
„Ги поздравуваме оние партнери од Западен Балкан кои веќе ја покажуваат својата стратешка определба во овој поглед, со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ги охрабруваме оние кои не го сториле тоа да го следат примерот“,
се наведува во декларацијата.
Важна тема на денешниот самит беше енергетската ефикасност, а по тој повод претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека е важно решенијата на ЕУ да важат и за регионот.
„Важно е решенијата што ги носиме во ЕУ да бидат и во регионот, се одлучивме за пакет помош од една милијарда евра за регионот. Половина ќе се инвестира во обновливи извори на енергија, што е поевтина, подобра за планетата и која ќе добие повеќе работни места за луѓето од регионот, а другиот дел ќе се инвестира во инфраструктура“,
рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека се договорени шест различни проекти за обновливи извори на енергија како хидроцентрали и соларни панели, кои ќе ја зголемат енергетската ефикасност на училиштата и болниците.
„Одобрени се и 40 суштински проекти поврзани со транспорт, чиста вода и преработка на отпадни води, во вредност од 1,5 милијарди евра. Економскиот и инвестицискиот план е на добар пат“,
рече таа.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Тирана повтори дека ова е историски самит, бидејќи првпат се одржува надвор од територијата на ЕУ.
Како посебно достигнување тој го истакна договорот за намалување на трошоците за роаминг меѓу земјите од регионот и ЕУ.
„Овој состанок е важен бидејќи носи важни конкретни ангажмани на патот на интеграцијата“,
рече тој на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Длабоко верувам дека нашите деца ќе имаат побезбедна и попросперитетна иднина со Западен Балкан во ЕУ. Тоа заедничко верување не собра овде за да работиме на заеднички проекти. Секој од нас има задача да исполни за да ги унапреди реформите во владеењето на правото, реформите во судството и борбата против корупцијата. И ЕУ треба да ги поддржи овие реформи на опиплив начин“, рече Мишел.
Тој информира дека се договорени заеднички проекти, со цел да се намалат негативните последици од војната во Украина во областа на енергетиката, безбедноста на храната и економијата. Затоа е важно ЕУ да го усвои финансискиот пакет, рече тој.
Во однос на миграцијата, Мишел нагласи дека оваа тема е многу „деликатна, чувствителна и предизвикувачка“, а ЕУ се соочила со тешкотии во овој домен.
„Затоа соработката со Западен Балкан е фундаментална за сите нас и би сакал да изразам благодарност што во последните денови успеавме да постигнеме напредок со усогласувањето на визната политика. Потребни се дополнителни одлуки во деновите што доаѓаат, но јас сум оптимист и уверен дека ќе биде постигнат напредок,
нагласи Мишел.
Според декларацијата, намалувањето на цените на роаминг ќе започне од октомври 2023 година, а целта е во одреден момент целосно да се укине роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Домаќинот на самитот, албанскиот премиер Еди Рама рече дека неговиот народ е најпроевропски – од сите во регионот.
„Европската унија за прв пат излегува надвор од границите на ЕУ за да одржи самит, а тоа се случува на Западен Балкан – односно во Албанија. Ова е исклучително за мене“,
рече Рама.
Самитот беше можност да се заокружи интензивирањето на европскиот ангажман во регионот во светло на руската агресија против Украина, кога Брисел сфати дека мора да го врати кредибилитетот што беше оштетен од неисполнетите ветувања.