Во однос на возраста, 151 лице е на возраст од 15-64 години, 108 се деца на возраст од 0-4 години, 115 деца на возраст од 5-14 години и 29 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје

Во последната недела од минатата година, од 25 до 31декември, имало речиси двојно повеќе заболени од грип отколку во претходната недела.
„Во текот на 52-та недела од 2023 година (25.12-31.12.2023), во земјава се пријавени 403 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, што е 96,6 отсто повеќе во споредба со претходната недела“,
соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Бројот на пријавени лица, споредено со 52-та недела од минатата сезона, е зголемен за 16,1 отсто, а во однос на претходните 13 сезони, е поголем за 79 отсто.
Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.
Од Институтот за јавно здравје велат дека во однос на возраста, кај децата на возраст од 0 до 4 години, имало најбрзо ширење на грипот.
„Во однос на возрасната дистрибуција 151 лице е на возраст од 15-64 години, 108 се деца на возраст од 0-4 години, 115 деца на возраст од 5-14 години и 29 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години“,
се вели во извештајот од Институтот за јавно здравје.
Во текот на оваа недела, додаваат од ИЈЗ, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип.
„Се работи за лице на возраст од 67 години од Скопје кое било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни, обезитас и малигно заболување) и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)“,
се додава во извештајот.
Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 1 293.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 39 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони се регистрира зголемување од 20 отсто.