Санирањето на пречките во делот на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката се изведе 24 часа порано од предвидениот рок и блокот е вклучен во редовно производство

Блок 1 во РЕК Битола од изутрината во 08.35 часот е вратен на мрежа и продолжи со производство на електрична енергија, по извршената санација во изминатите два дена, соопшти ЕЛЕМ.
Санирањето на пречките во делот на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката се изведе 24 часа порано од предвидениот рок и блокот е вклучен во редовно производство.
„Стручните служби и вработените во РЕК Битола кои беа вклучени во зафатот, покажаа исклучителна посветеност и непрестана работа на задачата, со цел и покрај амортизираната опрема и долгиот рок на работа на термоелектраната, за што пократко време да се отстрани застојот и блокот да се врати на мрежа“,
се наведува во соопштението од ЕСМ.
РЕК Битола е во очекување да пристигне и трансформаторот за Блок 3 кој во моментот се превезува од Грција кон граничниот премин Меџитлија.
Трансформаторот се изработуваше во фабриката „Астор“ во Турција и се очекува на 22 ноември да биде во РЕК Битола, соопштуваат од АД ЕСМ.
Трансформаторот е тежок 240 тони и од Турција се пренесува со специјална композиција, преку копно низ Турција, бродски до солунското пристаниште и од таму повторно по копно се движи кон крајната дестинација – РЕК Битола.
За композицијата долга 60 метри преземени се специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина.
Според ЕСМ, со санацијата на Блок 1 и неговото враќање на мрежа, а до крајот на неделата е планирано стартување на РЕК Осломеј, додека следната недела се вклучуваат ТЕЦ Неготино и Блок 3 на РЕК Битола, ќе бидат ставени во функција сите електрани во системот на АД ЕСМ или со кои АД ЕСМ има договор за деловно-техничка соработка.