Реевалуација на правосудниот систем, ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал, борбата со корупцијата и криминалот, целосна дигитализација на јавната администрација и спречување на процесот на иселување на граѓаните, заштита на македонскиот идентитет и членство во ЕУ, се постулатите на кои Арсовска рече дека ќе работи Нова алтернатива

Со промовирање на пет постулати за кои ќе се залага во политичките води, актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска вечерва беше поставена за нов претседател на партијата Нова алтернатива.
Со Арсовска, која, како што рекоа од партијата, за претседател е поставена со едногласна одлука на сите делегати и на покана на претседателството, Нова алтернатива очекува нови успеси и рекордна поддршка за претстојните парламентарни избори.
Арсовска, која на промоцијата имаше поддршка од семејството и од блиските соработници во градоначалничкиот кабинет, рече дека е горда што во Македонија има луѓе кои се со цврсти ставови, кои се сигурни во својот интегритет, оние кои ја знаат разликата меѓу добро и лошо и одбиваат да бидат измамени.
„Разочарувачки е што по три децении независност и три генерации политичари во Македонија, истата е земја во која просперитетот за жал е само збор во политичка кампања. Македонија е земја во која половина милион сограѓани живеат под прагот на сиромаштијата, земја во која царува криминалот, корупцијата, непотизмот. Затоа сум горда што не припаѓам на овој деформиран и ретрограден, корумпиран политички естаблишмент и што припаѓам на генерацијата која од една страна е сведок на сите неправди, а од друга страна што знаеме како да ги исправиме истите“,
рече Арсовска.
Според неа, политиката не смее да биде извор на раздор и поделби, таа треба да биде точка на зближување и мост за надминување на сите проблеми преку дијалог.
„Додека го разединуваа и раскаруваа нашиот народ, политичарите живеат во благосостојба, договорени за спас од одговорност и амнестија за корупцијата и криминалот. Сметам дека е доста од ова лицемерие“,
рече Арсовска на промовирањето на партијата.
Како прва задача, која ја најави Арсовска, а за која ќе се залага партијата е целосна реевалуација на правосудниот систем, од начинот на избори на јавните обвинители и судии, нивната работа, транспарентност и отчетност.
„Истото тоа треба да биде преку непосредни избори и тоа за сите до највисоките правосудни инстанци. На овој начин ќе постигнеме целосна независност, автономија и сè она што е важно за сите нас, граѓаните, да имаме луѓе кои ќе одлучуваат без политички или било какви други притисоци“,
рече Арсовска.
Втор наш постулат, додаде таа, е ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал и воведување еднакви можности.
Во најавите за кои ќе се залага Нова алтернатива, Арсовска рече дека е и третиот постулат односно борбата со корупцијата и криминалот.
„Го имаме лекот за ракот на македонското општество“,
рече таа.
Четвртиот постулат за кој ќе се залагаат е целосна дигитализација на јавната администрација.
„Последниот постулат на Нова алтернатива инкорпорира неколку идеи во една, а тоа е спречување на процесот на иселување на граѓаните, особено на младите, заштита на македонскиот идентитет и членство во ЕУ“,
додаде Арсовска.
Меѓу гостите од политичките партии можеше да се забележи генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а присутни беа и други гости, членови на партијата.
Арсовска во изјава за медиумите рече дека партијата Нова Алтернатива ќе учествува на претстојните парламентарни избори и посочи дека за нив остануваат отворени сите опции за коалицирање.
На новинарско прашање дека политичката партија Нова Алтернатива досега беше во коалиција со СДСМ, Арсовска одговори дека на конвенцијата партијата донела одлука за да излезе од коалицијата.
За тоа дали таа се гледа како иден претседател на државата, Арсовска рече дека за ова прашање одлучуваат граѓаните со довербата што ја укажуваат.