„Јас би сакала да се воздржам од коментар во однос на активности и средби на дипломатските претставници од странски држави во нашата земја и нема да ја коментирам пораката. Меѓутоа, доколку дипломатски претставници остваруваат такви средби, убедена сум дека имаат причини, индиции и потреба тие чекори да ги преземат, но не би сакала да коментирам“, вели претседателката на Судскиот совет прашана за тоа како ја разбира пораката на холандскиот амбасадор по состанокот со лидерот на ДУИ
Старо-новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, не сака директно да ја коментира пораката на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, кој по средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд и дека тоа ќе предизвика силна реакција од Холандија. Сепак, таа смета дека амбасадорот Коп имал причина да преземе такви активности.

„Јас би сакала да се воздржам од коментар во однос на активности и средби на дипломатските претставници од странски држави во нашата земја и нема да ја коментирам пораката. Меѓутоа, доколку дипломатски претставници остваруваат такви средби, убедена сум дека имаат причини, индиции и потреба тие чекори да ги преземат, но не би сакала да коментирам“,
кажа Дамева.
Таа е гостинка во првото овогодишно издание на емисијата „360 степени“ на МРТ1. Дамева одбра да остане резервирана во одговорите на дел од прашањата, како на пример, за сегментот од извештајот на Оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет во кој се констатира дека отсуството на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, од состаноците на Судскиот совет не е прекршување на законот.
„Во врска со извештајот на Oценската мисија јас не би сакала да споделам јавно информации, бидејќи таква беше и препораката – тој извештај да се разгледува зад затворени врати во рамки на институциите коишто се надлежни. Но, веднаш како претседател ги преземав првите чекори, а тоа е дека е закажана конференција од 22 до 24 јануари, на која членовите на Советот детално ќе го анализираат извештајот меѓусебно и понатаму ќе излеземе со наши поредлози, ставови, заклучоци… Но, неспорно е, која и точка од извештајот да ја земете – Судскиот совет мора час поскоро да ја имплементира“,
вели Дамева.
Во однос на оценките во јавноста дека иницијативата за разрешувањето на претседателката на Врховниот суд има партиско-политичка позадина, Дамева беше повторно воздржана:

„Не би сакала да го дадам коментарот и во овој случај од причина што тоа се шпекулации, навистина до овој момент јас немам потврда за којашто можам децидно да кажам како е и што е. Неспорно е дека судот на јавноста треба да биде на пиедесталот, меѓутоа, од друга страна, како правник, како член на Судски совет, а сега и како претседател, морам својот став да го дадам врз основа на доказите и аргументите“.
На прашањето – дали претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, по интервјуто за „СДК“ во кое посочи на политички влијанија и притисоци врз врховните судии, требаше своите сознанија да ги каже и пред Судскиот совет, Дамева вели дека Советот имал работни состаноци на кои се заклучило дека Адеми треба да се повика на седница, но таа повторно напомена дека во извештајот веќе се констатирани причините зошто Адеми не се појавила на седница.
„Повторно ќе се оградам, бидејќи за два дена Судскиот совет треба да одлучи, со секое мое мислење би можела да ја осуетам постапката и тоа да се сфати поинаку“,
рече Дамева.
Весна Дамева е старо-нова претседателка на Судскиот совет, откако во очи на Нова година, стигна пресудата на Управниот суд со која беше поништена одлуката за нејзиното разрешување од 4 мај 2023 г. На седницата на 3 јануари 2024 г. Сашко Георгиев поднесе оставка, а Дамева се врати на шефовското место.