Малку е веројатно дека Трамп ќе биде осуден на затворска казна, велат експертите. Ова е негов прв прекршок, а делото за кое беше прогласен за виновен е од ненасилна природа
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е прогласен за виновен за фалсификување документи за прикривање на плаќањата за замолчување на порноѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година. Сега прашањето е каква ќе биде пресудата.

Тоа е одлука која целосно зависи од Хуан Мерчан, судијата што го надгледува случајот. Злосторствата за кои Трамп беше прогласен за виновен, фалсификување деловни документи од прв степен, се кривични дела од E-класа во Њујорк, најмалку сериозна категорија и се казнуваат со затвор до четири години. Изрекувањето на пресудата е закажано за 11 јули, пишува „Гардијан“.
Веројатно нема да оди во затвор
Малку е веројатно дека Трамп ќе биде осуден на затворска казна, велат експертите. Ова е негов прв прекршок, а делото за кое беше прогласен за виновен е од ненасилна природа.
„Мислам дека судијата веројатно нема да го затвори само под тие околности. Но, имајќи предвид дека тој е поранешен претседател, има лична заштита од тајната служба и исто така е веројатниот републикански кандидат, мислам дека тоа би било логистички тешко да се постигне и би имало политички импликации што мислам дека судијата Мерчан сака да ги избегне“,
вели Шерил Бадер, професорка по право на Универзитетот „Фордам“, која затворската казна ја нарече „малку веројатна“.
Казната најверојатно ќе биде парична или условна, општествено корисна работа или некоја нивна комбинација.
„Би сакала да го видам Трамп како го собира ѓубрето во метрото“,
изјавила Карен Фридман Агнифило, поранешна главна обвинителка во канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетн.
Казната многу ќе зависи од тоа како Мерчан ќе го протолкува однесувањето на Трамп, вклучително и неговиот недостиг на каење и наводите за наместено судење.
Трамп може да се кандидира
„Судијата може да смета дека однесувањето на Трамп предизвикува длабока штета на целата земја со тоа што влијае на самиот изборен процес на најважните избори во земјата“,
тврди Бадер.
Но, дури и ако Трамп биде осуден на затвор, тој речиси сигурно ќе поднесе жалба, а жалбениот процес може да трае со месеци, па дури и со години. Затоа, оваа пресуда нема да влијае на способноста на Трамп да се кандидира на ноемвриските избори. Во најбизарното сценарио, Трамп може да биде претседателски кандидат од затвор, а сè уште не е јасно дали може да ја извршува и функцијата претседател од затвор, со оглед на тоа дека не би имал можност да се помилува бидејќи тоа е кривично дело на ниво на сојузна држава, а не федерално ниво.
Единствената постапка која всушност во одредено сценарио може да му наштети на Трамп во контекст на изборите е она за организирањето бунт со елементи на државен удар на 6 јануари 2021 година, но Врховниот суд одлучи дека без оглед на пресудата, сојузните држави не можат да му забранат на Трамп да се појави на гласачките ливчиња.