Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, и професорката на Правниот факултет при УКИМ, Ана Павловска-Данева, во изјави за ТВ Телма оценуваат дека Собранието не е конституирано, бидејќи не се избрани Комисијата за избори и именувања и парламентарен спикер.
Пратеничката Силјановска-Давкова вели дека за ова реагирала и по вчерашната седница, додека Павловска-Данева смета дека Собранието има конкретни правни акти, во кои стои дека конститутивната седница завршува со изборот на претседател.
Со тоа, тие сметаат дека претседателот на државата не би смеел никому да доверува мандат за состав на Влада, бидејќи, според Уставот, тоа може да го стори само „во рок од десет дена од конституирањето на Собранието“, што според нив, сега не е случај.
Од Кабинетот на Претседателот не се согласуваат со ваквото толкување и сметаат дека рокот почнува да тече од денеска, бидејќи Собранието се смета за конституирано од денот на верификација на мандатите на пратениците, што се случи вчера. Како дополнителен аргумент го наведуваат дописот што во 2016 година Трајко Велјановски му го испратил на Ѓорге Иванов.
„Во дописот испратен на 30 декември 2016 г., тогашниот претседавач со седницата, Трајко Велјановски, го информира тогашниот претседател Ѓорге Иванов дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите, иако не е избран претседател на Собранието. Таков допис се очекува и од претседавачот Талат Џафери, кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на ден 4 август 2020 година. Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандат на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година“,
појаснуваат од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
Дилемата дали Собранието е конституирано, а според тоа, претседателот (не) може да го довери мандатот за состав на новата Влада, прв пат е отворена во 2006 година кога е и направен „преседан“.
Тогаш Собранието на конститутивната седница одржана на 26 јули го утврдува составот на Комисија за избори и именувања, но не врши избор на парламентарен спикер.
Пратеникот Јани Макрадули, како што пишува во стенографските белешки, пред да се премине на точката од дневниот ред за избор на Комисијата за избори и именувања, бара пауза за консултации за текот на седницата, за пратеничките групи со тогашниот претседавач Стојан Андов да се усогласат – дали согласно Деловникот и Уставот, течат роковите за избор на нова Влада и покрај тоа што нема да биде избран претседател на Собранието.
„Изразувајќи отворена загриженост за можниот институционален вакуум што би се нашол, и би се нашло и Собранието, пред се, сите заинтересирани во Република Македонија, а тоа се пред се, граѓаните. За жал, и покрај тоа што одделни политички партии брзаа со некои неуставни термини, како 19 јули, СДСМ денеска изразува загриженост за можниот институционален вакуум во кој би се нашле“,
вели Макрадули во образложението на барањето за пауза.
По паузата, седницата продолжува. По изборот на Комисијата, повторно има пауза за да и се овозможи таа да утврди кандидат(и) за претседател на Собранието.
По еден час пауза пратениците се враќаат во салата, а претседавачот Стојан Андов ги известува дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата не утврдила предлог за кандидат за претседател на Собранието на Република Македонија, бидејќи на Комисијата и се потребни дополнителни консултации за утврдување предлог.
„Со оглед дека и оваа Комисијата, а исто така и од група пратеници во овој момент нема добиено предлог на кандидат за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, ја прекинувам седницата на Собранието на Република Македонија.
го заклучува првото продолжение од седницата претседавачот Андов.
Седницата ќе продолжи откако ќе добиеме предлог за претседател на Собранието на Република Македонија“,
„Преседанот“ се случува кога два дена по првото продолжение на конститутивната седница, односно на 28 јули 2006 г., тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, без да биде избран спикер на парламентот, му го доделува мандатот за составување влада на мандатарот Никола Груевски.
Неколку дена подоцна, односно на 1 август 2006 г., Љубиша Георгиевски беше избран за претседател на Собранието.