Дали обидите на ВМРО-ДПМНЕ тајно да влијае на американската политика за Македонија ќе завршат на суд во Америка?
Сличноста на делото за кое се обвинети некогашните први луѓе во кампањата на Доналд Трамп и она што го правеше ВМРО-ДПМНЕ во САД се очигледни.
Пол Манафорт, екс-шефот на кампањата на Трамп, освен за перење пари се товари и за нерегистрирано лобирање за странски клиенти. Своите услуги во полза на про-рускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович, ги затскривал зад невладината организација „Европски центар за модерна Украина“, што е во спротивност со американската лоби-регулатива.
Во случајот со ВМРО-ДПМНЕ, лобирањето беше сокриено зад Фондацијата Либертас, формирана наменски во 2016-та во Њујорк. Покрај истата шема, двата случаи – оној со Манафорт и овој со ВМРО-ДПМНЕ ги поврзува и една иста лоби компанија –Меркјури.
Колегата Обри Белфорд, кој како и „360 Степени“, со Нова ТВ го истражуваше случајот, во детали прави паралела на двата случаи откако специјалниот советник на американското министерство за правда, Роберт Мјулер, покрена обвинение против Манафорт.
– Интересното во истрагата на Мјулер и обвинението против Пол Манафорт е дека еден дел се однесува на лобирање на „Меркјури“ за организација која всушност била параван. Во овој случај таа параван организација е поврзана со Украина, но станува збор за истата лоби-компанија која ја користи истата методологија. Би рекол дека лобирањето за Македонија во САД засега можеби изгледа како мала работа, но треба да видиме до каде сето тоа води зашто навистина треба да се потенцира дека она за што Манафорт сега е во проблеми е горе-долу истата шема со договорот на „Меркјури“ за лобирање за Македонија. „Меркјури“ е една од двете фирми поврзани со обвинението против Манафорт – вели Белфорд од Проектот за известување за организиран криминал и корупција.
Дали сличноста меѓу случајот со Манафорт и неговото скриено лобирање за Јанукович и случајот со тајното лобирање на Меркјури за ВМРО-ДПМНЕ треба да биде најава дека американските истражни органи ќе отворат предмет и за македонското тајно купување лобисти?
– Американскиот оддел за правда не поднел обвиненија за случаи на прекршувања на законите за лобирања и не би можел да објаснам зошто тоа е така. Можеби поради многуте сомнителни практики за кои во САД може да се извлечете. „Вообичаено, ваквото однесување на лоби-компаниите надлежните власти не го процесуираа, но истрагата на Мјулер е нешто друго и рано е да се каже дали тоа ќе донесе промена како САД ќе се однесуваат во случаи на прекршувања на законите за лобирање за странски клиенти, но би рекло дека овој договор на „Меркјури“ кој се однесува на Македонија е нешто што треба да го набљудуваме за да видиме дали ќе има правни мерки во САД – вели Белфорд.
Фондацијата Либертас, претставувана од извесен Бекзод Исакџанов, не е единствената трага за врските на релација ВМРО-ДПМНЕ – Меркјури. Техничката влада на Емил Димитриев, кој во тој период е и Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, склучила договор со британската филијала на Меркјури и тоа непосредно пред декемвриските парламентарни избори. Тоа го отвори прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ, не само што тајно лобирала, туку тоа го компензирала со пари од државниот буџет.
– „Меркјури“ објави извештаи потврдувајќи дека работи за Македонија, имаше повеќе објавени извештаи со записи на телефонски повици кон лица кои ги барале, на кои им праќале имејлови. „Меркјури“ тоа го призна. Исто така, при проверка на бирото за јавни набавки во Македонија најдовме докази дека владата и платила стотици илјади долари на британската филијала на „Меркјури“. Станува збор за македонската влада, за пари на граѓаните кои завршија во британската канцеларија на „Меркјури“ – вели Белфорд.
Нема информации дека овој сомнеж за партиски активности покриени со државни пари е предмет на интерес на македонското јавно обвинителство. Барем не засега.
Напишете коментар