Во Јужна Кореја надлежните се обидуваат да ја решат мистеријата – зошто 163 лица кои се излекувале од ковид-19, на повторните тестирања се покажале позитивни. Оттука и прашањето, дали може пак да се инфицирате од ковид-19?
Иако процентот на повторно заболени во Јужна Кореја е релативно мал – 2,1% од 7 829 излекувани, оваа појава на излекувани па повторно заболени е сериозна тема која ги окупира епидемиолозите, дури и во оние земји за кои се чини дека ја имаат под контрола пандемијата, јавува Си-ен-ен.
Според медицинските власти во Сеул, досега нема индикации дека пациентите кои повторно се позитивни, се пренесувачи на заразата, иако речиси половина од нив имаат некакви благи симптоми. Сепак, и покрај ваквата статистика, повикуваат на внимателност.

Засега најверојатното објаснување зошто исти луѓе повторно се позитивни на ковид-19 е дека тестовите ги препознаваат остатоците од вирусот.
Како и во други земји, Јужна Кореја користи тестови кои функционираат на принципот на пронаоѓање траги од генетската информација на вирусот – неговата ДНА, преку земање примерок од одреден пациент.
Според објаснувањата на надлежните во Сеул, овие тестови можеби се уште наоѓаат остатоци на ДНА на вирусот кај пациенти кои ја прележале болеста зашто тестовите се многу сензитивни.
Слична теорија имаа и кинеските научници. Жонг Наншан, еден од врвните експерти во Кина, минатата недела објаснуваше дека излекувано лице може да се покаже позитивно зашто фрагменти од заразата останале во неговото тело. Според Наншан, ова не е нешто за што треба да сме загрижени.
Кои се другите објаснувања?
Има и други теории зошто некои пациенти пак се позитивни на тестирањето, како на пример, грешка во тестовите. Но, според јужнокорејските врвни доктори малку е веројатно да станува збор за грешка во тестовите и затоа инсистираат на натамошни испитувања за да се дојде до релевантни податоци.

Јин Ким од јужнокорејскиот град Даејеон, за кој на 25 март беше утврдено дека е позитивен, оваа недела бил подложен на тест кој покажал дека е негативен. Но, само ден подоцна тестот покажал дека е пак позитивен на ковид-19. Затоа, тој пак ќе мора да се тестира уште најмалку два пати, зашто се неопходни два едно по друго негативни теста за да биде прогласен за излечен.
Дали лицата кои повторно се позитивни можат да ја ширата заразата?
Според официјални претставници на Јужна Кореја, засега нема докази дека овие лица кои повторно се покажале позитивни, ја шират заразата. Сепак, препораките во оваа земја се лицата кои се отпуштени од болница да остана во изолација во времетраење од 14 дена.
Според д-р Дебора Биркс, координаторот на Белата куќа за справување со ковид-19 , се уште треба да се утврдува дали пациент што ја прележал болеста и пак е позитивен на тестовите, може да ја шири заразата на други луѓе.

„Тоа прашање се уште е неодговорено – нема одговори во досегашните студии. Надлежните работат на тоа да утврдат дали има потенцијале ризик“, вели Биркс. Директно прашана дали човек со прележан ковид-19 може повторни да се зарази, Биркс одговори: „Во биологија никогаш не велите дека нешто е невозможно“.