„Да, има и такви коишто влегуваа со камери и слично, но, како што видовте и вчера и денеска, ниту влегов со камери ниту имам намера да правам пиар од сето тоа“, рече премиерот алудирајќи на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вчера со десетина новинарски екипи отиде во посета на повредените што се на лекување во Белград
Посетите на повредените од пожарот во Кочани не ги правам поради пиар-цели, го правам тоа за да излезам пред вас, да не се кријам и да зборувам отворено за сè она со кое се соочуваме и сето она по кое постапуваме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на повредените од пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали смета оти посетите на повредените се примерни и емпатични или, пак, настанот се злоупотребува за пиар-цели.
Дополнително, беше прашан дали има согласност од пациентите за посета. Но, и според кои протоколи е посетата дозволена бидејќи се работи за лица што се лекуваат од тешки изгореници и дали тоа ќе има некакви последици врз нивната здравствена состојба, со оглед на тоа што ниту на нивните семејства не им е дозволено да ги посетат.
„И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден посетив пациенти, ги запазив сите оние протоколи коишто ми беа апсолутно побарани од страна на медицинскиот персонал, од докторите итн.“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
На новинарска забелешка дека за време на вчерашната посета на пациентите бил само со маска, премиерот рече:
„Ќе ги погледнете денес сите слики, ќе видите како сум влегол.“
По посетата на повредените на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во текот на вчерашниот ден, премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил објави фотографии направени за време на престојот во здравствената установа. Тој е фотографиран во неколку од собите во кои се сместени дел од повредените во придружба со министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

Од денешната посета на болницата „8 Септември“, пак, Мицкоски објави фотографии на кои е фотографиран во ходниците на болницата, облечен во заштитна медицинска опрема. Нема објавено фотографии од посетите на згрижените пациенти.
Алудирајќи на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вчера со десетина новинарски екипи отиде во посета на повредените од пожарот кои се на лекување во Белград, Мицкоски рече дека ниту вчера ниту денеска за време на посетите на повредените не влегол со камери и не фотографирал ниеден пациент во лице.
„Да, има и такви коишто влегуваа со камери и слично, но, како што видовте и вчера и денеска, ниту влегов со камери ниту имам намера да правам пиар од сето тоа. Нема никогаш да видите лице на пациент или, пак, да слушнете и прочитате име на пациент којшто сум го посетил. Фотографиите се во тил, никаде нема лице на ниту еден пациент ниту, пак, ќе си дозволам. Многу внимателно ги избиравме фотографиите“,
изјави Мицкоски.
Претходно вчера српскиот претседател објави низа фотографии од посетата на повредените од пожарот во Кочани кои се на лекување во Белград. Во болниците каде што се сместени, Вучиќ отиде со десетина новинарски екипи кои ги фотографираа тешко повредените пациенти.